Воспитување

Бесплатни книги за децата што рециклираат пластика во Италија

Италијанецот Микеле Џентиле, кој ја поседува книжарницата „Екс либрис кафе“ во Јужна Италија, им дава бесплатни книги на децата во замена за пластични шишиња и алуминиумски конзерви.

Тој вели дека ја создал програмата за рециклирање бидејќи сакал да ги инспирира децата во малиот град Пола да читаат и да обрнат внимание на природната средина. Токму затоа на учениците што ќе донираат алуминиумски конзерви и пластични шишиња тој им подарува книги.

– Мојата цел е да ја раширам страста за љубовта кон книгите помеѓу луѓето во Италија, кои обично не читаат – објаснува тој.

Идејата за иницијативата дошла откако Џентиле соработувал со средно училиште на проект за рециклирање на алуминиумот. Работејќи заедно, учениците и Џентиле собрале доволно конзерви за да купат книги за целиот клас. Неговата програма продолжила и веќе се прошири во Северна Италија. Џентиле се надева дека неговата работа ќе продолжи и понатаму да го добива медиумското внимание и да стане иницијатива низ цел свет.


Бесплатните книги доаѓаат од муштериите на продавницата на Џентиле кои донираат пари за нивно купување. Идејата потекнува од иницијатива што се практикувала во Втората светска војна, во која муштериите купувале две кафиња: едно за нив и друго за наредната личност што чека на ред. Џентиле ги користи книгите како дел од неговата иницијатива за рециклирање.

Освен што неговата програма е одличен начин за рециклирање и поттик за децата да читаат, исто така ја зголемува и свеста за растечкиот проблем со пластичниот отпад. Пластиката за еднократна употреба сочинува 26 отсто од целата пластика во светот, од кои само 14 отсто се рециклирани. На пластиката што завршува на депониите ѝ се потребни 500 години за да се разгради, што претставува огромна закана за природната средина.

Намалувањето на користењето на пластиката е важно ако сакаме да ја подобриме природната средина за идните генерации, а рециклирачките програми како оваа на Џентиле се одличен начин за да се реализира целта.

Поврзани написи

To top