Опуштен родител е свесен и буден родител
Стравот е природна емоција која е единствена за сите луѓе, исто како и радоста, среќата, љубовта. Детските стравови се условени од особеностите, т.е. карактеристиките на детската личност, како и темпераментот со кој се раѓа детето. Обично со растењето на детето стравот поминува без трага, но понекогаш стравовите влијаат врз однесувањето на детето, како и врз воспоставувањето хармонична интеракција со околниот свет. Тогаш ситуацијата за семејството станува понеизвесна и загрижувачка.
Причините за ова може да бидат неколку:
1. Пренаталниот период во развојот на детето. Негативните емоции на мајката предизвикуваат голема количина на стрес-хормони во крвта. Хормоните, кои паѓаат во крвотокот преку плацентата, се пренесуваат на детето и може да предизвикаат анксиозност. Превенцијата на детските стравови треба да почне уште пред породувањето. Потребно е да се запамети дека бременоста не е време да се разјаснат односите, развојот на кариерата и напната работа.
2. Претерана анксиозност на родителите. Самите родители имаат многу стравови и овие стравови се пренесуваат на детето. Понекогаш децата можат да се навикнат на зголемена анксиозност на родителите и да ја доживуваат како оправдан начин на однесување и реагирање кон околниот свет и ситуациите што ги засегаат. Всушност, вознемирените родители растат и воспитуваат вознемирени деца со многу фобии и стравови.
3. Желбата на родителите да го заштитат детето од проблемите не само што го попречува развојот, туку исто така може да резултира со зголемена анксиозност и страв во однесувањето на детето. Во овој поглед, најранливи се единствените деца, т.е. децата единци во семејството.
Читањето приказни и детска литература е еден од најдобрите адути во справувањето со стравовите
4. Кога родителите го учат, т.е. го наметнуваат стравот кај детето. Всушност најголем дел од стравовите се научени, или родителите ни ги предале или се стекнуваат преку искуства. На голем број родители им се случува да му се закануваат на детето: „Ако не си послушен, ќе го викнам докторот да ти стави инјекција“ или „Ќе те дадам на баба-рога, на старо купувам!“ Впрочем и самите родители подоцна не можат да разберат зошто детето им се плаши или негодува при прегледот кај лекарот.
5. Семејната динамика и дис∕функционалност. Големо влијание врз формирањето на стравот на детето е ситуацијата во семејството. Стравот на децата е почест кај оние семејства каде што постои конфликт меѓу мајката и таткото, каде што родителите работат напорно и активно учествуваат во јавниот живот на штета на семејството.
6. Трауматски ситуации. Тоа се ситуации во кои се јавува интензивно и силно чувство на страв. На пример: директен напад од куче, смрт во семејството, сообраќајни несреќи итн. Впрочем, тоа се ситуации во кои бил загрозен и физичкиот и психичкиот интегритет на личноста на детето.
7. Прекумерна и неконтролирана изложеност на технологија. Во овој домен би спаѓале изложеноста на детето на цртани кои не соодветствуваат за неговата возраст, игри со насилство и убиства, како и добро познатите хорор-игри „Момо Челенџ“, „Синиот кит“. Последиците од сето ова може да бидат катастрофални за личноста на детето. Во тој поглед најчесто се јавува: интензивен страв од смрт, сепарациона анксиозност, ноќни мори и регрес кај детето, ноќно мокрење, невроза, агресор.
8. Меѓутоа, останува главната причина за стравот на детето – богатата фантазија. Затоа стравот најчесто се јавува на возраст од 4 до 6 години, кога развојот на имагинацијата и емотивната сфера се забрзува и брзо се развива.
Опуштен родител е свесен и буден родител. Родителите треба квалитетно да се вклучат во активностите на децата, како и во воспитувањето на нивните стравови. Читањето приказни и детска литература е еден од најдобрите адути во справувањето со сето тоа. Честопати детската литература ги обработува и стравовите кај човекот или детето, а детето учи како да бара алтернативи во справувањето со стравот. Во тој поглед одлични се „Басните на Езоп“ или „Детски терапевтски приказни“ од Ана Чучкова.
912