Географијата му е моментален интерес на надареното дете, но не и единствен. По препорака од градинката во која оди, родителите го однеле на тестирање, а потоа им било укажано дека може да се запише директно во второ одделение
Петгодишниот Благоја Грошев за нецели 15 минути ја црта картата на светот и во неа ги внесува сите држави и океани. Малото валандовчанче, кое со родителите живее во Метман, Германија, е надарено дете, а географијата му е моментален интерес, но не и единствен. По препорака од градинката во која оди, родителите го однеле на тестирање, а потоа им било укажано дека може да се запише директно во второ одделение.
„Јас не знам што е тоа географија“
– Јас не знам што е тоа географија. А, сакам да ја цртам картата на светот затоа што светот е многу интересен – вели Благоја.
Мајка му Елена раскажува дека уште кога бил многу мал имал интерес за сликовници и книги.
– За разлика од неговото помало братче Максимус, кое е тотална спротивност од него – се смее Елена.
На 2 години преку игра со магнетни букви Благоја почнал да учи азбуки.
– За кратко време научи да ги пее песничките за абецеда и да ги пишува буквите на 10 различни јазици. Од него ја научивме и руската алфавита. Кога видов дека веќе се заситува, му пуштив песнички со планетите и така почна новата опсесија. Научи сè што можеше да се научи за вселената. А ние научивме од него дека постојат џуџести планети – раскажува Елена.
Еден период во домот насекаде имало планети. Некои купени, а некои направени од стиропор, балони полни со ориз, картони, пластелин, од пластифицирана хартија и од специјални кристали…
– Гледајќи планети на „Јутјуб“, налета на државите во светот и тоа му беше толку привлечно, што веднаш кај него се роди желба да ги научи. Никој ниту му покажа ниту го насочи да ја учи картата на светот. Затоа тој и не знае што значи зборот географија. Сам ја научи цела карта на светот и сите држави во неа. Сега ги учи и главните градови. И ние научивме многу од него кога сакаше да му помагаме во режењето на државите што ги црташе. Од сето ова може да заклучите дека неговите опсесии се менуваат со текот на времето, но неговата желба за знаење расте секој ден сè повеќе и повеќе – раскажува Елена.
Со мајка му Елена и татко му Ристе
„На буква, на буква“, кули, ракети, бродови…
Во моментов го интересираат приказните за потонатите бродови.
– Сакам да ги гледам Титаник, Британик, Посејдон и Лузитанија. Ме интересира од што и како потонале – вели Благоја.
Си замислил дека кога ќе порасне, ќе биде научник, или како што вели на англиски – scientist.
– Сакам да правам експерименти и да измислувам чудни работи – вели детето.
Благоја сака и да гледа телевизија, да црта и да пишува. Обожава да игра „На буква, на буква“ и да погодува држави со мама и тато. Со магнетни фигури прави кули, ракети, бродови…
Знае да раскаже како му изгледа денот.
– Наутро најчесто ме буди мојот помал брат Максимус. Или вреска за нешто или ќе дојде во креветот да ме тормози. Станувам, се мијам, се облекувам и пијам млеко. Одам во градинка и таму денот ни почнува со пеење. Си играме внатре, па одиме надвор, па ручаме. Потоа одмораме, па си играме, имаме ужина и доаѓа некој да ме земе. Дома јадам и гледам малку телевизија. Потоа си играм малку со Максимус или одам да цртам – раскажува Благоја.
Во 9 и тој и Максимус се в кревет.
– Пијам млеко, мијам заби и право в кревет. Доаѓа мама и ни пее песнички додека да заспиеме – вели детето.
Благоја и Максимус
Најсреќен е кога тетка му е на гости
Благоја е најсреќен кога тетка му е кај нив на гости, а вели дека е најтажен кога треба да си оди.
– Таа ги измислува најубавите игри на цел свет. Си ги сакам другарчињата. Во градинка најмногу си играм со Џејдан и со Лори, а најсреќен сум кога во лето си одиме во Валандово и таму по цел ден си играм со Камелија и со мојот братучед Стаматис од Грција, кој исто така летото го поминува во Валандово. Заедно возиме велосипеди, играме криенка, се прскаме со пиштоли на вода и многу други работи – раскажува Благоја.
Да има кој да го слуша, би зборувал без престан
Мајка му Елена вели дека е послушно дете.
– Со него е многу лесно да се разбереш. Доволно е да му објасниш зошто треба или не треба така. Некогаш има и негодување, но тоа е нормално. Можам да кажам дека воспитувањето дете е најтешката и најисцрпувачка работа на цел свет. Според нас, љубовта и посветеноста се главни фактори во воспитувањето. Не сме совршени родители и некогаш знаеме и да му се развикаме, но главно разговорот ни е најбитен. Се надеваме дека ќе биде така лесно и во тинејџерските години – објаснува Елена и додава изрека на руски психолог: „Нема невоспитани деца, има само невоспитани родители“.
Како малечок, со татко му најмногу учел броеви и математика, а со мајка му букви, приказни и песнички.
– Сега е самостоен во изборот на тоа што сака да го научи, а ние сме секогаш тука за да правиме планети, да режеме држави, да правиме бродови… И најбитно за него е да го слушаме кога ни зборува, на пример, која планета со која брзина се врти или како не ја виделе карпата мраз во која се удри Титаник. Да има кој да го слуша, тој би зборувал без престан – се смее Елена. Благоја на таблетот има само едукативни игри.
– Среќа уште не знае дека постојат видеоигри. За нас е најбитно да има поддршка од нас и да му бидеме родители и најдобри другари истовремено, да дава љубов и да нема предрасуди. Сакаме да биде искрен со себе и со другите, да биде праведен, да научи дека предизвиците го прават посилен и дека човекот учи додека е жив – вели Елена.
912