Дали може да се случи каде било? Дали ќе има многу вода? Дали боли?… Има многу прашања што ги мачат идните мајки, а се однесуваат на показателот дека почнало породувањето. Сепак, не е сè како на филм…

Познати ви се сцените од филмовите каде што породувањата задолжително почнуваат со пукање на воденикот и итање кон родилиште, меѓутоа, тоа во реалниот живот ретко се случува. Нормално е да сте загрижени ако ова е вашата прва бременост, па еве неколку најчести митови за пукањето на воденикот:

1. Не постои предупредување дека ќе пукне воденикот

Уште една ситуација што сме ја виделе на екраните – на бремената жена на работа или во продавница ѝ пука воденикот, оставајќи ја збунета и изненадена. Иако не може точно да се каже кога ќе пукне воденикот, до тоа најчесто доаѓа во текот на породувањето – кога веќе некое време имате контракции. Ако вашиот воденик пукне додека сè уште не почнало породувањето, обично ќе имате некои предупредувачки знаци, како благи контракции кои потсетуваат на посилни менструални болки, а некогаш и болка во грбот. Сепак, ниту една бременост и породување не се исти и не можат да се споредуваат.

2. Ќе почувствувате кога ќе ви пукне воденикот

Можеби ќе почувствувате, а можеби и не. Можеби ќе почувствувате налет на плодова вода, течење или ќе имате чувство дека сте се измокриле. Може да почувствувате сè од ова, а може и не. Всушност, може да биде и потешко да откриете дека ви пукнал воденикот отколку што сте замислувале. Вагиналниот секрет се засилува пред крајот на бременоста, а слузниот чеп може да испадне како што ќе созрева грлото од матката. Сето тоа може лесно да се помеша со плодовата вода, односно со пукање на воденикот.

3. Породувањето ќе почне во истиот момент

Ако ви пукнал воденикот, не значи дека породувањето почнало. Контракциите може да почнат дури по неколку часа и да траат повеќе од 12 часа. Една од 10 жени ќе доживее пукање на воденикот неколку часа пред породувањето. Колку ќе чекате, зависи од неколку фактори, на пр., позицијата на бебето и процедурите на родилиштето. Многу жени немаат трпение и сакаат да ги забрзаат контракциите, но потрудете се да не преземате ништо ризично и да ја чувате енергијата за тоа што следува.

4. Воденикот не може да пукне прерано

За жал, ова не е вистина. Околу 10% од жените доживуваат предвремена руптура на феталната мембрана (ПРОМ) пред да почне породувањето. Во најголем број случаи се случува околу самиот термин за породување. Симптомите на предвремена руптура се брзо истекување на плодова вода и продолжено истекување на течност. Гинекологот тогаш проверува дали родилката чувствува контракции, дали има вагинално крвавење, дали имала сексуален однос во последно време и дали има зголемена температура.

5. Самите можете да го поттикнете пукањето на воденикот

Пред самиот крај на бременоста жените стануваат нервозни и нетрпеливи што порано да се породат. На интернет можат да се најдат многу методи со чија помош може да се забрза породувањето, но сепак ни научниците не се сосема сигурни што е клучно во одреден момент што го тера бебето да посака да излезе, така што ако сте имале сексуален однос или сте јаделе лута храна пред да почнат болките, тоа не значи дека за тоа се „виновни“ овие фактори. Веројатно се работи за случајност, така што ова е уште еден мит околу оваа тема.

 



912

X