Се воведува и втора смена во поликлиниките каде што се врши вакцинација – „Букурешт“, „Бит-пазар“ и „Јане Сандански“ и тие ќе работат до 19 часот. Производител на МРП-вакцината е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија
Привремената забрана за носење деца во градинки во Скопје што не примиле МРП-вакцина (за морбили, рубеола и паротитис), но и спојувањето на празниците ги остави празни детските градинки. Во многу групи денес има само по неколку дечиња. Истовремено, полни се вакциналните пунктови. Ги вакцинираат децата оние што ја задоцниле МРП-вакцината или намерно ја одложувале. Враќањето на невакцинираните деца од градинка ги налути повеќето од родителите. Некои велат дека било време за ваква мерка, а има и такви што се подготвени да го отпишат детето од градинка за да не прима вакцини.
Покрај седумте случаи што пред десетина дена се појавија во скопската населба Радишани, деновиве има нови, уште 10 случаи. Сите заболени се невакцинирани. Станува збор за деца на возраст од 8 месеци, но и возрасни со 32 и 47 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби двајца од пациентите имаат потешка клиничка слика на воспаление на белите дробови.
Ќе се вакцинира и во втора смена
Министерството за здравство информира дека денеска до 12 часот се вакцинирани вкупно 267 деца од предучилишна возраст во Скопје.
– Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје, воведува и втора смена во поликлиниките каде што се врши вакцинација, односно вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит-пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот. Напоменуваме дека МРП-вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија – велат од Министерството.
Се бараат докази за примена вакцина
Во некои градинки во скопските општини утрово имаше стасано списоци за деца што немаат примено МРП-вакцина, па на врата вработените ги враќаа невакцинираните. Во други родителите што не носеа книшки или вакцинални картони мораа да се враќаат дома по нив. Дел од родителите на невакцинираните деца беа многу лути зашто не им е примено детето во градинка.
– Ја одложувавме вакцината прво за да прооди и прозбори, а потоа неколку пати се справуваме со вируси и инфекции. Не е во ред преку ноќ да се воведуваат вакви правила. Има луѓе на кои нема кој да им ги чува децата, доцниме на работа. Можеа да предупредат дека ќе има ваква мерка ако има епидемија, знаат за нашиот менталитет. Сега веднаш мора да одам да дадам вакцина, ако дозволи матичната докторка – вели И.М.
Ружица Биџовска, директорка на градинката „13 Ноември“, вели дека утрово примале деца што се вакцинирани.
– Родителите се веќе информирани преку медиумите и знаат за привремената забрана. Не наидовме на отпор кај нив, немавме проблеми. Во овој период од годината бројот на деца е намален со оглед на зимскиот распуст, па тоа е олеснителна околност. Родителите се свесни дека не можат да ги донесат ако немаат примено вакцина. Со приемот на децата ние бараме вакцинален статус, кој се менува во годината. Секој оној што го вакцинира детето ни носи потврда за примена вакцина, а тие што не ги вакцинираат знаат дека децата нема да им бидат примени, па затоа не ги ни донесоа. Немавме случаи тазе вакцинирани деца утрово да бидат донесени во градинка истиот ден. Се надевам дека родителите ќе ги почитуваат препораките на Министерството за здравство пред сè заради здравјето на своите деца – вели директорката.
Некои од родителите велат дека педијатрите ги советувале да не брзаат со МРП, па затоа и ја одложувале.
– Постариот син ја прими вакцината против морбили „школски“, на 13 месеци. И ја поднесе одлично. На помалиот токму на таа возраст му се појави алергија. Па следуваа долги испитувања. Педијатарот советуваше да не ја брзаме вакцината против морбили, да почекаме да наполни три години. Сега има 3,5 и чекаме да оздрави и да ја прими. За среќа, не оди во градинка. Сепак, превентивно, овој период нема да го изложувам во затворена просторија со други деца – вели Даниела Димитриевска од Скопје.
Лекарите објаснуваат дека кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации. Кога детето ќе прими вакцина, може да има црвенило на рачето и оток, а реакции може да се јават по околу 10 дена од примањето – зголемена температура и исип.
912