„Работејќи како учителка, знам дека родителите не можат да увидат кога нивните деца не се искрени. Но постојат начини со кои ќе ги поттикнете да бидат искрени“

Ден на отворени врати. Седам спроти Лаура и нејзиниот татко. Таа е иста како него: со рамна темна коса и намуртена. Се охрабрувам самата себе со тоа што се смешкам додека нејзиниот татко е бесен на мене. Однатре вријам.

Фото: факултети.мк

„Лаура ми се жалеше дека ја игнорирате кога ви бара помош на часовите и дека некогаш воопшто не сакате да разговарате со неа. И не ме чуди што не напредува. Вие изгледа немате време да се занимавате со тоа. Се нарекувате математичарка? Таа вели дека повеќе научила од компјутерски апликации отколку од вас.“

Лаура не можеше да ја скрие злобната насмевка во очите. Низ глава ми поминува вчерашната настава кога таа, во текот на целиот час, преку целиот тест пишуваше „Наставничката е кучка“ наместо да ги решава задачите. Еден час пред тоа стрпливо седев до неа и ѝ го објаснував материјалот, додека таа само зјапаше во ѕидот и ми повторуваше да замолчам. Го прекинав таткото на Лаура и му објаснив дека таа е прилично деконцентрирана на часовите и дека приказните за моето игнорирање не се ништо друго освен лага. Неговото лице се смени и разговорот отиде во не толку добра насока.

Заменик-директорот ги презеде сите негови жалби, но со тоа не се решена проблемот. Таткото на Лаура ме гледа како непријател и верува дека неговата ќерка никогаш не би лажела.
Гледам дека остатокот од полугодието ќе ми помине во напор да го одоброволам него и да овозможам неговата ќерка да ја добие оценката што тој ја сака.

Ние, наставниците, очекуваме децата одвреме-навреме да лажат и против тоа се бориме со различни тактики, покажувајќи им како би требало да се однесуваат.
Им покажуваме како да се соочат со грешките и како да ги прифатат, заедно ги решаваме проблемите и така градиме искрен однос. Меѓутоа, сѐ се комплицира кога детските лаги се прифатени од страна на родителите како вистина.

Не препознаваат лаги

Ова е особено актуелна тема: истражувањата покажуваат дека родителите се ужасно лоши во забележувањето на детските лаги. Во ова истражување, родителите имаа задача да гледаат одредени снимки од своите деца и да кажат дали мислат дека на тие снимки децата ја зборуваат вистината или не. Во друга група беа вклучени другите родители и избрани студенти, кои ја имаа истата задача. На крај беа споредени одговорите. Родителите точно одговориле во само 8 % од случаите – додека процентот на точност на другата група бил 44%.
„Овие резултати… покажуваат дека близината меѓу родителот и детето е поврзана со довербата кај родителот, па со самото тоа и со лошата процена на лагите“, вели авторот на истражувањата, Ангела Еванс.

Имав ученици што велеа дека не им дозволувам да одат во веце, а некои тврдеа дека не ми го украле пенкалото (а подоцна се правеа дека се шокирани кога ќе го најдев во нивните прибори). Секако, поради ваквите искуства понекогаш правиме лоша процена. На пример, кога некој наставник ги надгледува учениците додека нивниот наставник не е тука, и кога ќе ги праша: „И што би требало сега да правите?“, тие одговараат дека не знаат, па дали тоа е вистина, бела или свесна лага?

Последица од ова може да биде и пропаст на кариерата на наставникот.

Знам дека може да биде погубно ако ја преиспитувате искреноста на детето тогаш кога тоа навистина ја кажува вистината. Како и на сите родители, и мене ми е приоритет моите деца да знаат дека можат да зборуваат со мене за што било. Не се сомневам дека постои „пристрасност кон вистината“ како во споменатото истражување –мене ми требаа куп празни пакувања од чоколада под креветот на мојата ќерка за да сфатам дека крие од мене дека со месеци јаде благи работи – но ни тоа не ми помогна кога се соочив со убедливото мало лице и нејзината одлучност.

Сѐ е до балансот меѓу тоа дека сме свесни дека не сме добри во препознавањето на лагите кај децата и потребата да бидеме отворени кога тие ни веруваат.

Променете го начинот на разговор

Клучот е во создавањето атмосфера – и дома и во училницата – во која активно ќе дискутираме за тоа зошто лажеме и кога тоа е добро, а кога не е. Од моментот кога детето ќе тргне на училиште, родителите и наставникот мора да ја делат одговорноста во воспитувањето и учењето на детето дека лагата е погрешна, а искреноста е исправна. Тоа е период кога тие гледаат дека ние, како нивни примери, користиме бели и не баш толку бели лаги. Му кажуваме на комшијата дека фризурата му е одлична, му кажуваме на пријателот дека не можеме денес да се видиме зашто детето ни е болно, на друг наставник му кажуваме дека не можеме да го замениме на дежурство зашто имаме проблем со грбот. Не им правиме добро на нашите деца со тоа што не разговараме за несовпаѓањето меѓу тоа што го зборуваме и тоа што го правиме.

На крајот на краиштата, како што и сите знаеме, децата лажат за да се спасат, да се извлечат од некоја неволја, а некогаш затоа што тоа им преминало во навика и не можат да престанат. Добар начин да спречите првите две да преминат во третата причина е да го промените начинот на разговорот: наместо прашањето:„Дали ја кажуваш вистината“ (терајќи го да заземе одбранбен став), речете му дека е тешко да се биде искрен, но дека е многу подобро да се биде отворен.

Родителите и наставниците не треба да се плашат да им раскажат на децата некое свое искуство и пред сѐ треба да ја наградат искреноста, а не веднаш да реагираат на лошото однесување.

Родители, запаметете дека учителите се на ваша страна, ние сакаме да помогнеме вашите деца да излезат на прав пат, па верувајте ни кога ќе ви кажеме дека детето лаже. И ако се запрашавте што се случи со Лаура, призна дека лажела, штом седнав со неа и ѝ објаснив до што води тоа што го направила. Ние две сѐ уште сме во контакт – нејзиното лажење е само показател на нејзините лични проблеми, како што е во повеќето случаи. Таа сега е келнерка во моето локално кафуле. Понекогаш услугата не е на задоволително ниво, но сѐ уште не кренав раце од неа.

 



912

X