Долго време се прашував зошто толку сонуваме за бел Божиќ? Го сонуваме местото во кое живееме прекриено со снежна прекривка, со снегулки што лебдат од едната страна на прозорецот. Остриот и студен воздух што предизвикува воздишки длабоко до душата, таму каде што умот и егото не можат да допрат. Потребата за топлина и место каде што припаѓаме соголени и автентични е основна потреба на луѓето. Не знам како ви е вас, но кога јас ќе го видам топлиот оган во каминот, светлината од свеќата на масата, станувам помека форма на постоење. Како бојата на златото да ми шепоти: пробуди го златото во себе… сјај и не плаши се. Ме теши и ме охрабрува.

Во ноќите во текот на декември јас се принудувам да останам што подолго будна. Себично ја крадам светлината од куќите околу мене, ѕвездите од украсените улици и ги подготвувам за најстудените денови. Размислувам како да направам сѐ да биде тивко во тие денови – насилството во семејствата, расправиите и препирките, замерувањето и обвинувањата. Иако знам дека не е така, силно сакам да верувам во тоа. Посакувам чуда. Без срам и лажна скромност – сакам чуда!

Зошто сонуваме за бел Божиќ? Можеби за да добиеме можност да дознаеме што всушност е топлината. Да сме малку принудени да бидеме очи в очи со оние на кои најмногу им сме потребни. Можеби да научиме да ја цениме топлината на домот, омиленото ќебе и фотелјата за читање. Можеби приготвувајќи кафе или чај да се сетиме на моментите кога и од кој сме ја добиле баш таа шолја што толку лесно ја користиме секој ден, посакувајќи уште десет нови. Можеби затоа што ни е потребна бајка. Силно и необјасниво ни е потребно чувството за бајка во нашите животи. Мирисите на цимет и колачиња, најдрагите образи стиснати на нашите, бакнежи од кои затреперува вселената. Бајка во која сме цели како што бевме како деца. Кога подарокот ни беше ситница во шушкава хартија и кога ни беше доволна самата помисла дека некој се сетил на нас и нѐ сака на најдобар начин како што знае.

Чувството дека некаде припаѓаш не размислувајќи како низ животот ќе одиш и доаѓаш, ќе создаваш свои пристаништа и ќе се надеваш дека не одбра пат со бурно море. Можеби поради сеќавањето на она убавото кога ништо не моравме, а сакавме сѐ. А не знаевме или не смеевме.

Зошто сонуваме за Божиќ и го чекаме толку желно секоја година? Како да чекаме дозвола да бидеме малку подобра верзија од себеси. Како во тоа време помалку да си се допаѓаме себеси и како да дозволуваме да ја покажеме меката и ранлива страна, бидејќи имаме право на тоа. Тоа е она што сме и кои сме во суштината на нашето битие. Оние исти деца кои денес ги штитиме од светот. Користете го Божиќ во сите ваши денови. Бидејќи Божиќ и онака е чувство. Нека живее во сите наши пори, во сите магии што ни ги носи и нѐ потсетува на сето она што за нас е свето. Применете го светлото во вашите дела и намери. Држете се за таа магија, добри луѓе. Држете се цврсто, како за мајчините раце во најтешките денови кога ве плашеа мракот и сенките. Носете го чудото низ делата што му ги подарувате на светот и оние што се наследуваат. Погалете го детето, прегрнете ги постарите, простете им на несаканите и завидливите. Бидете поголеми од себе. Бидете чудо спакувано во мирна совест, чудо што знае дека дало сѐ од себе бидејќи се обидело да го направи овој свет подобро место на кое паѓаат или не паѓаат снегулки. И онака е сеедно, сѐ додека Божиќ живее во нас.

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во наставата за деца со тешкотии



912

X