Епидемијата на мали сипаници (морбили) во населбата Радишани од кои се заразени пет деца и еден 30-годишник е трета годинава. Дефинитивно ова е знак на губење на колективниот имунитет како резултат на сериозно опаднатиот опфат со вакцини. Не смееме да дозволиме овој тренд на опфат со вакцинација да продолжи, бидејќи тоа значи сериозен ризик од голема епидемија која може да има несогледливи последици за целото население, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека во целата држава во вакциналните пунктови ќе се направи проверка на картоните и врз основа на резултатите ќе биде спроведена вакцинација на децата од една до 13 години.

– Преземавме мерки кои се однесуваат на градинката, на општината Бутел и на територијата на целата наша држава. Градинката е затворена и во неа беше направена дезинфекција. Сите 104 деца кои се запишани во градинката е препорачано да седат дома во период од две недели додека трае инкубацијата- истакна Филипче.
Нагласи дека формирале работна група од епидемиолози, педијатри, претставници на министерствата за труд и социјална политика и за образование за да ја зајакнат регулативата за спроведувањето контрола за вакцинација при уписот во градинка, основно училишта и на факултет.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека очекуваат 100.000 вакцинални картони да бидат проверени во наредните неколку дена на територија на град Скопје и на територија на државата, за да се спречи ланецот на ширење и брзо да се реагира.
-Во рамки на населбата Радишани границата за вакцинирање ќе се прошири, односно треба да се вакцинираат сите децата кои оделе во градинката на возраст од шест месеци до 14 месеци со првата доза и потоа ќе примат уште една редовна доза. Возрасните лица, потенцира, треба да го проверат вакциналниот статус и да се јават ако биле во близок контакт со некој од заболените – рече д-р Микиќ.
Во Македонија беше регистриран еден смртен случај во 2011 година од мали сипаници. -Детето може да биде заразено три дена пред да се појават првите симптоми – рече Микиќ.

Претседателката на Комитетот за имунизација проф.д-р Александра Грозданова рече дека има доволни количини МРП вакцини односно 16.854 дози од кои 3.000 се распределени по вакциналните пунктови во Скопје, а во последните 24 часа ги контролирале вакциналните пунктови и сите се снабдени со вакцини. Таа упати апел до родителите да ги вакцинираат децата и појасни дека вакцината е од реномиран производител. Додаде дека едно заразено лице може да зарази дваесеттина други и дека можно е 136 луѓе да се заразени со мали сипаници.
Заразените деца се во стабилна здравствена состојба.



912

X