Максим уште од мал се загледувал во уметнички слики и ги набљудувал со посебен интерес

Максим Цветановски од Скопје има девет години и прави чуда од пластелин. Почнал да си игра со овој магичен материјал кога имал околу пет години и оттогаш не престанал да создава вистински чуда од омилените анимирани ликови и јунаци, ликови од приказни, но и популарни детски ликови од „Јутјуб“.

„Фортнајт“ му е најголема инспирација во последната година; Фото: Радован Вујовиќ

Максим е ученик во четврто одделение во ОУ „Страшо Пинџур“ во населбата Ѓорче Петров.
– Секоја фигура е моја приказна и сите си ги сакам еднакво. Посветувам најмалку два-три часа за една фигура. Користам обичен пластелин, но понекогаш и глиномол. Месечно знам да ѝ побарам на мајка ми да ми купи по пет-шест кутии пластелин за да можам да направам такви фигури – ни објасни Максим.
Четвртоодделенецот ги обожава видеата на јутјуберот ClayClaim, за кого вели дека прави „неверојатни фигури од пластелин“.

Неговите другари сакаат да го гледаат додека ги прави своите уметнички дела.
Мајка му Соња Цаковиќ-Цветановска објаснува дека Максим уште од мал се загледувал во уметнички слики и ги набљудувал со посебен интерес.

– Прво покажа интерес за цртањето, а потоа и за фигурите од пластелин. Посетуваше неколку часа во „Џампинг клеј“, но морам да признам дека е самоук и дека едноставно има талент – вели мајка му, која е педагог по вокација.
Голема инспирација на Максим му е неговата тетка Лидија Цаковиќ-Мојсовска, која е професорка по ликовно образование.

Максим е одушевен од мегапопуларната видеоигра „Фортнајт“ и прави многу изработки од ликовите на епската игра.
– Oд „Фортнајт“ сум воодушевен, многу ми се допаѓаат тие ликови. Интересни се и нивното играње и нивната облека… Многу сакам и ликови од кинеската митологија… Многу ми се допаѓаат и нивните борачки вештини и облеката – објаснува Максим.

Тој си ги чува фигурите во витрина, која неговата мајка ја наменила специјално за нив.
– Со некои од нив си играм секој ден, па ги ставам во картонски кутии. Преку лето изработувам фигури на тераса и сите деца од улицата доаѓаат да видат каква фигура правам тој ден и сакаат да ја допрат. Но, јас не им дозволувам и по малку се правам важен – се смее Максим.

Омилени предмети на ова талентирано дете се ликовно, англиски, математика и физичко.
Максим сонува еден ден да направи изложба во Детскиот креативен центар при Младинскиот културен центар. Сака да биде и јутјубер, да снима видеа и тоа да го гледаат многу деца и возрасни.



912

X