говор Прашај психолог

Се сомневам дека моето дете има селективен мутизам откако истражував на интернет… Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Се сомневам дека моето дете има селективен мутизам, по истражувања на интернет. Малиот има 6 години, роден е во Англија, веќе е второ одделение, зборува англиски, македонски, и македонски со српски зборови, бидејќи јас сум Македонка, а таткото е Србин. Дома зборува само наш јазик, со мене, татко му, и дедо му.

Во школо зборува со другарчињата без никаков проблем, нормално како што треба, а со учителките малку потивко и без да се истакнува, туку ако го прашаат. Со други не разговара, ниту со тетка му и тетин му, кои живеат до нас во Англија, ниту со други роднини и дечиња од Македонија и Србија.

ОДГОВОР: Информациите што ги читаме на интернет понекогаш можат дополнително да нѐ загрижат, особено кога почнуваме да препознаваме слични однесувања кај нашите деца. Разбирливо е што сте го забележале она што ве загрижува и што сакате да разберете што се случува. Сепак, зад однесувањето на вашето дете можат да стојат различни причини, како срамежливост, несигурност во одредени ситуации, потреба од повеќе време за да се опушти со некого или вознемиреност во присуство на одредени луѓе.

За да разбереме што навистина се случува, треба да ја согледаме пошироката слика, а тоа е како детето комуницира во различни ситуации, како се чувствува во присуство на други луѓе и дали неговото однесување се менува во зависност од средината.

Вашето синче расте со повеќе јазици, англискиот во училиштето и околината, македонскиот преку вас и српските зборови што ги користите дома. Кога ќе се обидеме да се ставиме во негова кожа, можеме да замислиме дека во некои ситуации може да се чувствува несигурно околу тоа како да се изрази. Тој сè уште е мал и не мора секогаш да знае кој јазик му одговара на соговорникот или како најлесно да се разбере со него.

Децата што растат со повеќе јазици често го поврзуваат секој јазик со одредени луѓе и ситуации. Со вас, татко му и дедо му можеби се чувствува сигурно и знае како да комуницира. Со тетка му, тетин му или со роднините од Македонија и Србија можеби му е потребно повеќе време за да се опушти. Можно е и несигурноста околу јазикот да има некаква улога, но важно е да не претпоставуваме дека тоа е причината без подобро да ја разбереме ситуацијата.

Некои деца се чувствуваат несигурно кога мислат дека не зборуваат доволно добро или дека можат да бидат поправени, да не бидат разбрани или да предизвикаат потсмевање. Доколку имале такво искуство, можно е да станат повнимателни во слични ситуации. Подразмислете, дали некој од роднините некогаш коментирал како зборува? Дали некогаш го притиснале со „кажи нешто“ или „зошто не зборуваш“?  И дали се чувствува слободно да им одговори на јазикот што нему му е најлесен?

Дома обидете се да го намалите притисокот да зборува. Не барајте од него задолжително да поздравува или да одговара на роднините со зборови како „кажи здраво“ или „одговори ѝ на тетка ти“. Избегнувајте и да го означувате пред други како срамежлив или како дете што не зборува. Замолете ги роднините да не инсистираат на разговор, туку да му пристапуваат преку заедничка игра, цртање или градење, без очекување дека мора да одговори. Постепено вклучувајте ги во активностите во кои тој веќе се чувствува сигурно со вас. Можете и однапред да го подготвите за посетите, објаснувајќи му кој ќе дојде и што ќе правите, без да му наметнувате обврска да зборува. Пофалете го неговото учество и труд, на пример: „Ми се допадна како учествуваше во играта денес.“

Можно е да станува збор за срамежливост или несигурност во одредени социјални ситуации, но само од ова што го опишувате не можеме со сигурност да знаеме. Доколку ова продолжува или ве загрижува, можете да се консултирате со психолог кој има искуство со детска анксиозност и селективен мутизам. Тоа ќе ви помогне подобро да го разберете неговото однесување и да откриете каква поддршка му е потребна.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top