Децата родени од 2025 до 2039 година ѝ припаѓаат на генерацијата бета, која доаѓа веднаш по генерацијата алфа. Според процените на социологот и демограф Марк Мекриндл, до 2035 година припадниците на оваа генерација ќе опфаќаат дури 16 проценти од светската популација.
Овие деца ќе растат во свет во кој роботите, виртуелната и проширената реалност, паметните уреди и дигиталните асистенти ќе бидат дел од секојдневието, а климатските промени еден од клучните животни предизвици.
Поотворени кон светот, но и поизложени на ризици
Какви особини ќе имаат овие деца и која ќе биде најважната задача на нивните родители? За можните одговори пишува порталот Parents.com, повикувајќи се на мислења на психолози и експерти за ментално здравје.
Д-р Зишан Кан, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, смета дека генерацијата бета ќе биде обликувана од брзите технолошки промени и еколошките проблеми. Иако е рано за конечни заклучоци, експертите издвојуваат неколку клучни насоки во нивниот развој:
- Глобална поврзаност и отвореност: Благодарение на напредните комуникациски алатки, овие деца ќе воспоставуваат контакти што ги преминуваат географските и културните граници, што ќе придонесе за поголема отвореност кон различностите и еднаквоста.
- Еколошка свест и приспособливост: Животот во ера на климатски промени ќе ја поттикне нивната еколошка одговорност, додека брзиот ритам на промени ќе ги направи пофлексибилни во решавањето проблеми.
- Повисока емоционална интелигенција: Бидејќи милениумците и припадниците на генерацијата З веќе ја нормализираа темата за менталното здравје, генерацијата бета ќе расте со полесен пристап до стручна поддршка и поголема емоционална свест.
Кои се родителите на генерацијата бета?
Родителите на овие деца главно се помладите милениумци (родени меѓу 1981 и 1996 година) или ќе бидат постарите припадници на генерацијата З (родени од 1997 до почетокот на втората деценија од 21 век).
Нивниот најголем предизвик ќе биде наоѓањето рамнотежа помеѓу предностите на дигиталниот свет и вистинските човечки односи.
Опасноста од виртуелни пријатели
Напредната роботика ќе отвори нови можности за учење и креативност, но носи и сериозен ризик: намалување на директната комуникација лице в лице.
Д-р Мишел Бопре предупредува дека децата би можеле да се оддалечат од родителите и врсниците, заменувајќи ги реалните односи со виртуелни ликови и светови.
Виртуелните искуства можат да ја поттикнат имагинацијата, но не можат да ги заменат комуникациските вештини што се развиваат исклучиво преку непосреден контакт, разговор, заедничка игра и решавање конфликти.
Совети за родителите: Како да се сочува блискоста?
Експертите им препорачуваат на идните родители секојдневно да негуваат реална блискост со децата:
- Исклучете ги екраните: Одвојте време без телефони и телевизори за заеднички друштвени игри или разговори.
- Повеќе време на отворено: Овозможете му на детето да го запознава светот преку сопствените сетила, движење и игра во природа.
- Грижа за дигиталната безбедност: Д-р Кан истакнува дека родителите мора активно да ги следат новите трендови за да можат да ги заштитат децата и да им помогнат да изградат безбеден дигитален идентитет.