Воспитување

Многу играчки не значи среќно дете

Во време на брза достапност на играчки, исполнување на желбите на детето и постојаното изложување на нешто ново, краткотрајно значајно за детето, доаѓа до хаос во неговиот мозок и пренатрупување во просторот во кој треба да си игра. Многу играчки не значи среќно дете. Играчките се материјал кој детето треба да го истражува, а не постојано да се зголемува нивниот број и голем дел од нив да не ги ни забележува. Со самото купување нешто ново детето се учи дека во текот на животот постојано мора да менува работи и да има тешкотии со делот на чекање, социјалните правила. Бидејќи ако постојано во маркет му го купуваме на детето тоа што го сака, нема простор за трпение и чекање. Ова не значи дека како родител во никој случај не е пожелно да му купите нова играчка, но не постојано, секојдневно. Играчките се средство со кое детето треба да најде начин да си игра самостојно или структурирано. Исто така, со играчките се поттикнува и фантазијата, креативноста на децата. Кога купувате играчки, најчесто водете се од помислата што му носи оваа играчка на детето, што ќе научи од неа, дали ќе биде во согласност со неговата можност и способност. Не купувајте ги играчките според возраста, туку според можноста на сопственото дете. Одбирајте играчки од едукативно значење и доколку имате повеќе, постепено изложувајте ги.

Многу играчки = хаос. Многуте играчки изложени пред очите на детето доведуваат до незаинтересираност, недоволна истраженост на играчките. Играчките го ограничуваат просторот. Децата најмногу учат и паметат ако имаат простор за движење и игра. Играчките помагаат во играта, а играта е средство за учење и обид за повторување. Многуте играчки кај детето:

  •  го осиромашуваат односот со детето,
  • се губи фокусот и интересот на детето, со лесно преминување од една на друга активност,
  • честа фрустрација, неможност за чекање, трпение,
  • се јавува хаос во главата на детето,
  • се губи способноста за истражување на играчките,
  • детето нема омилена играчка и не може да дојде до тоа што го сака бидејќи го зема предметот што ќе му падне пред очите.

Затоа, купувајте внимателно, постепено и не често. На секоја играчка ѝ е потребно време да биде прифатена од детето, да ја сфати неговата примена. Оставете да му биде досадно понекогаш со играчка бидејќи со досадата детето ја развива и креативноста. Со купувањето на играчките децата го зајакнуваат и нивниот социо-емоционален развој.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт психотерапевт во едукација

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top