Стомачните вируси и бактерии се честа појава кај децата. Кога ќе се појави дијареја (стомачни тегоби, течна столица), најчесто придружена и со гадење или повраќање, зачувувањето на хидратацијата и правилната исхрана се важни за брзо закрепнување.
Зошто кексот, лебот и тестенините ја влошуваат состојбата?
Кога микроорганизмите ќе ја оштетат слузокожата на цревата, се губат ензимите за разградување на шеќерите и јаглехидратите.
- Јаглехидратите го зголемуваат губењето на водата: Храната богата со јаглехидрати (слатки, кекси, леб, тестенини) повлекува дополнителна вода од ѕидот на цревата во цревната празнина.
- Резултат: Столицата станува уште потечна и почеста.
Основно правило: Избегнувајте шеќери, тесто, сокови и газирани пијалаци сè додека цревната слузокожа не се обнови.
Кои се главните чекори за помош?
1. Надомест на течности (рехидратација) – најважниот чекор!
При течна столица, детето не губи само вода, туку и важни минерали (електролити).
- Што да давате: Раствори за орална рехидратација од аптека, разладен чај од нане или негазирана минерална вода.
- Како да давате? Често и по малку. На секои 5-10 минути давајте по 1-2 лажички (или 20–30 ml за поголеми деца).
За бебиња што цицаат: Доењето НЕ СЕ прекинува! Мајчиното млеко помага во подобрување и брзо закрепнување.
2. Диетална исхрана
- Првите 1-2 дена: Варен ориз, варен морков и малку варен компир со малку сол.
- Постепено преминување: Додајте варено бело пилешко месо или телешко во супа.
- Не форсирајте: Губењето на апетитот е нормално. Најважно е детето да пие течности.
3. Улогата на пробиотиците
Пробиотиците внесуваат корисни бактерии кои ја обновуваат цревната флора, ги уништуваат штетните микроорганизми и помагаат слузокожата побрзо да се заздрави.
Кога веднаш да побарате лекар?
- Детето повраќа и не може да задржи течности.
- Забележувате примеси на крв во столицата.
- Детето е изморено, безволно, поспано или има знаци на дехидратација.
- Станува збор за бебе во првите месеци од животот.
Важно за антибиотиците: Никогаш не давајте антибиотици на своја рака! Најголемиот број стомачни инфекции се вирусни и антибиотиците не само што не помагаат, туку можат дополнително да ја влошат дијарејата.