Здравје

Кога детето има потреба од протеза? Д-р Владимир Михајловски за сите заблуди околу детските заби

Современата ортодонција нуди исклучителни можности за правилен развој на детската насмевка, но навремената консултација и разбирањето на процесот од страна на родителите се од големо значење. Разговараме со д-р Владимир Михајловски, специјалист по ортодонција и сопственик на специјалистичката ординација „Михајловски Ортодонција“, ординација зад која стојат 34 години традиција, активно работење и искуство. Со него разговараме за сè што треба да знаат родителите за детските протези, оралната хигиена и најчестите заблуди.


Кога е вистинското време за прва ортодонтска консултација кај децата и кои се оние први знаци во растот на забите и вилицата што покажуваат дека детето има потреба од протези?


Вистинското време за прва ортодонтска консултација е околу седмата година, кога се присутни и млечни и првите трајни заби. Оваа хронолошка возраст не е строга граница бидејќи секое дете има различен биолошки развој и време на менување на забите. Најлесен чекор за родителите е редовното носење на детето на стоматолог. Раниот преглед овозможува навремено следење на растот на вилиците без тоа да значи автоматско поставување протези. Првите знаци што индицираат потреба од преглед се тешкотии при џвакањето, предвремено или предоцно паѓање на млечните заби, како и лоши навики од типот на дишење преку уста или продолжено цицање на палецот.

Исто така, доколку се забележи дека забите се премногу збиени, имаат големи празнини или вилиците изгледаат непропорционално, време е за реакција. Навремената реакција овозможува насочување на правилниот развој со поедноставни мерки и апарати.


Какви видови ортодонтски апарати постојат денес и според кои критериуми се одлучува дали на детето му е потребна мобилна (подвижна) протеза или фиксен апарат?


Во модерната ортодонција третманите се делат според возраста и биолошкиот развој на детето, а не само на мобилни и фиксни апарати. Третманите се класифицираат во две главни групи:

  • Рани третмани (деца во развој): Најчесто се спроведуваат во периодот на мешани заби (млечни и трајни), меѓу 7 и 11 години. Во оваа фаза се користат мобилни и функционални апарати со цел насочување на правилен раст и развој на вилиците, со што проблемот се пресретнува пред да стане сериозен.
  • Сеопфатни третмани (адолесценти): Најчесто се почнува кога ќе никнат сите трајни заби, обично по 11-12 години. Целта е прецизно редење на забите, совршен загриз и естетика. Ова бара целосна контрола врз забот, поради што се користат фиксни протези или модерни проѕирни фолии (алајнери).

Мобилните апарати служат како подготовка со искористување на растот на коските кај децата, додека фиксните апарати се користат кај повозрасните за финално исправување на изникнатите трајни заби.


Колку во просек трае процесот на исправање на забите и кои се најважните правила за одржување на оралната хигиена додека детето носи протеза, со цел да се спречи појава на кариес?


Времетраењето на ортодонтскиот третман е индивидуално и зависи од тежината на проблемот. Сеопфатниот третман со фиксни протези во просек трае помеѓу година и пол и две години. Мобилната протеза најчесто се носи сè додека не никнат сите трајни заби. Брзината на терапијата е директно поврзана и со соработката на пациентот.

Што се однесува до оралната хигиена додека се носи апаратот, таа мора значително да се подигне и тука сакам да го разбиеме митот, фиксните протези не ги расипуваат забите! Забите се расипуваат исклучиво од неправилно четкање и задржување на остатоци од храна околу бракетите. Покрај редовното четкање, одлична помош за одржување беспрекорна хигиена се интерденталните (меѓузабни) четкички, специјалните конци за ортодонтски пациенти и оралните тушеви (water floss). Со нивно правилно користење насмевката на крајот ќе биде убава, права и совршено здрава.


Носењето протеза е нов период за секое дете. Кои се најчестите предизвици (болка при затегнување, тешкотии при зборување или јадење) и како родителите можат да му помогнат на детето полесно да се адаптира?


Почетокот бара краток период на адаптација. Со современите материјали класична болка не постои; станува збор за чувство на притисок и навикнување на новата ситуација. На почетокот, новите обврски, како внимателното јадење и темелното четкање, можат да изгледаат мачни, но со секојдневно практикување брзо преминуваат во здрава навика.

Јас лично, како ортодонт, ги охрабрувам децата да јадат сè. Тврдата храна сама по себе не ги одлепува бракетите. Вистинската причина за одлепување е неправилното џвакање, невниманието и непосветеноста при користењето на апаратот, проблемот лежи во секојдневното функционирање, а не во храната.

Овој процес бара силна психолошка поддршка од родителите и претставува важен момент за релацијата родител-дете. Самостојното извршување на овие обврски е механизам за осамостојување на детето од најрана возраст, што помага во неговото оформување како одговорна и психички зрела индивидуа.


Кои се најчестите грешки што ги прават родителите кога станува збор за забите на нивните деца и какви последици може да донесе одложувањето на ортодонтскиот третман за подоцнежна возраст?


Најчестите грешки се:

  • Ставот дека млечните заби не треба да се поправаат бидејќи ќе паднат. Тие се природни чувари на просторот, а нивното предвремено губење води кон негово затворање и сериозна збиеност на трајните заби.
  • Чекањето да изникнат сите трајни заби пред детето првпат да се однесе на ортодонт.
  • Дозволување на навиките како дишење преку уста или цицање палец со надеж дека детето ќе ги надрасне.

Одложувањето доведува до непотребно комплицирани третмани. Детството претставува „златен прозорец“, идеално време кое ортодонцијата го користи за правилно насочување на растот и развојот на вилиците.

Доколку се пропушти, корекцијата во подоцнежна возраст станува посложена, трае подолго и може да бара компромиси, како вадење на здрави трајни заби и поголеми хируршки интервенции. Дополнително, нерешените ортодонтски проблеми предизвикуваат психолошки товар, несигурност и пад на самодовербата во најосетливите тинејџерски години.


За мене како ортодонт, успехот лежи во спојот на професијата со личните пасии. Верувам дека преку „направи сам“ пристапот со наједноставни алатки во секојдневниот живот ги развиваме фантазијата и креативноста во решавањето на проблемите, а тоа е и главната порака што сакам да им ја пренесам на децата во ординацијата. И мир во светот, секако.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top