Некогаш играта беше простор за обиди, грешки, смеа, повторување и учење. Денес сè почесто гледаме деца кои одбиваат дури и да ја започнат играта доколку постои можност да изгубат.
А токму преку играта детето треба да научи дека нешто нема да успее од првиот пат. Кулата од коцки ќе се сруши. Некој друг можеби ќе биде подобар. Ќе мора да се обиде втор, трет, десетти пат.
Родителот не мора постојано да го забавува детето и да му го исполнува секој момент. Поважно е да го поттикне на игра, да му постави предизвик, да му ја разбуди љубопитноста и да му остави простор самото да се обидува.
Едноставен трик од д-р Рајовиќ: Претворете ја играта во предизвик
Познатиот експерт за детски развој, д-р Ранко Рајовиќ, споделува еден едноставен, а исклучително делотворен совет за градење детска истрајност: направете предизвик од градењето кула.
- Мајката прави кула од осум ката, а детето од седум.
- Кулата се сруши? Нема врска. „Вежбај, па подоцна пак ќе играме.“
И тогаш детето може цел час да реди, да се обидува и да вежба за следниот пат да направи точно еден кат повеќе. Во тој момент тоа не ја вежба само моториката, го вежба својот фокус, трпението, истрајноста и односот кон неуспехот.
Затоа, клучното прашање за сите нас е: Што се случи кога поразот стана толку страшен, што детето е подготвено да се откаже дури и од самата игра?