Воспитување

7 начини да бидете добар пример за вашите деца

Сите имаме желби и соништа за иднината на нашите деца: сакаме да бидат среќни, успешни, исполнети и еден ден самите да станат добри родители. Но, како да ги насочиме да пораснат во личности со вистински карактер, кои имаат почит кон себе и кон другите?

Не станува збор за тоа да бидеме совршени родители. Напротив, суштината е да им покажеме колку е важно да се биде искрен за сопствените грешки, да се прифатат работите што не можеме да ги промениме, да се вложи труд во сè што правиме и да се радуваме на убавите работи во животот.

„Вашите деца ќе станат она што сте вие, затоа бидете личноста што сакате тие да станат.“

1. Промовирајте позитивна слика за сопственото тело

Сосема е природно да имаме одредени несигурности за нашиот изглед, но негувањето позитивен однос кон сопственото тело е важно, не само за нас, туку и за нашите деца.

Џабе постојано да им зборувате колку се убави и паметни, а тие секојдневно ве слушаат како се критикувате себеси, се жалите за вашата тежина или за изгледот. Децата брзо го преземаат истиот негативен став кон себе. Негувајте сопствени навики за грижа за себе, тоа е задолжителна компонента за да одгледате деца со висока самодоверба.

2. Комуницирајте и избегнувајте го изразот „Затоа што јас така реков!“

Многу е тешко да се почитува некоја наредба ако не се разбира нејзината цел. Поради тоа, застарената фраза „затоа што јас така реков“ не помага во градењето добри навики.

Објаснувањето на причините зошто нешто се прави можеби бара повеќе време во моментот, но одгледува одговорни личности и ги учи самите да станат подобри соговорници. Исто така, отворената комуникација значи да бидете искрени и за вашите чувства и грешки, покажувајќи им на децата како да се соочат со предизвиците наместо да ги криете од реалноста.

3. Прави го она што го зборуваш (децата гледаат)

Да бидеме искрени: ако барате од децата да јадат зеленчук, мора да го јадете и вие. Децата учат од нашите постапки, а не од зборовите.

Изговорот „јас сум возрасен и можам“ кај децата само создава отпор. Ако сакате вашите деца да бидат здрави и физички активни, бидете нивниот прв модел за здрави навики.

4. Избегнувајте пребрза осуда на другите

Многу негативни ставови во светот произлегуваат од недостигот на разбирање. Покажете емпатија, искреност и великодушност за да ги видите кај вашето дете.

Потрудете се да бидете дел од заедницата, да патувате и да запознавате различни луѓе. Ова ќе им помогне на децата да сфатат дека не треба да им судат на луѓето според изгледот, етничката припадност или стилот, туку треба да бидат толерантни и отворени кон светот.

5. Работете на сопствениот личен развој

Децата поминуваат многу време во учење нови нешта, пишување домашни задачи и спортски натпревари. Наместо само да сочувствувате со нивниот замор, покажете им дека за личен развој има простор во сите години. Запишете се на курс, научете нов јазик, испробајте нови рецепти или посетете нови места. Потврдете им дека учењето никогаш не престанува.

6. Поттикнувајте ја одговорноста и наградувајте го доброто однесување

Погрижете се да ги пофалите децата за добро завршената работа, а не само да ги критикувате за грешките. Искрената пофалба е клучна за нивната самопочит.

Со тоа што ќе им дадете домашни обврски надвор од нивната соба (на пр., задолженија за целото домаќинство), ги учите на одговорност кон заедницата. Тоа им дава чувство на независност и придонес.

7. Практикувајте ја благодарноста

Животот знае да биде предизвикувачки, поради што е уште поважно да бидеме благодарни за она што го имаме и да ги славиме малите победи.

Создајте семејна навика: наутро или пред спиење, секој член од семејството да каже 3 работи за кои е благодарен тој ден. Тие можат да бидат мали или големи, дури и убавото време или омилениот чај заслужуваат да бидат забележани.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top