Претераната строгост во воспитувањето често создава илузија на послушност, но зад неа стојат ниска самопочит, анксиозност, депресија и постојана несигурност. Кога родителот поставува превисоки очекувања, ги контролира сите одлуки и штеди на пофалби, детето расте под постојан притисок дека „не е доволно добро“.
Според брачниот и семеен психотерапевт Јасенка Југовиќ, еве кои се 5. најтешки последици што остануваат во возрасната доба:
- Проблеми со носењето одлуки: Поради стравот од казна за погрешен избор, овие луѓе во возрасната доба тешко одлучуваат самостојно, постојано бараат потврда од другите и не умеат да кажат „не“.
- Лоша слика за себе: Поради недостигот на пофалби, возрасните што растеле со строги родители ги потценуваат сопствените способности, постојано се преиспитуваат и се подложни на манипулации.
- Осетлив однос кон авторитетите: На работните места тие одат во две крајности, или се претерано услужливи поради страв или влегуваат во отворен конфликт со надредените.
- Парализирачки перфекционизам: Со цел да избегнат критика, си поставуваат недостижни стандарди. Избегнуваат ризици, остануваат во комфор-зоната и постојано се извинуваат дури и за туѓи грешки.
- Недоверба во партнерските и пријателските односи: Се плашат од осуда, тешко се отвораат за подлабока блискост и со сомнеж гледаат на изјавите за љубов, плашејќи се дека ќе бидат повредени.
Совет за возрасните: Доколку ги препознавате овие обрасци кај себе, фокусирајте се на личниот развој и промена на овие навики. Наместо да ги обвинувате родителите, прифатете дека постапувале така како што знаеле во тие околности и преземете ја контролата врз својата иднина.