Повраќањето и враќањето млеко по оброкот е сосема вообичаена појава кај новороденчињата. Во медицината, ова враќање на храната и желудочната киселина назад во хранопроводот се нарекува гастроезофагијален рефлукс (ГЕР).
Добрата вест за сите родители е што ГЕР во најголем број случаи е сосема природна и безбедна појава која поминува сама од себе како што бебето расте.
Зошто се јавува ГЕР кај малите бебиња?
Рефлуксот се јавува кај повеќе од 50 % од бебињата во првите два месеца од животот.
Главната причина е што мускулот што се наоѓа на спојот меѓу хранопроводот и желудникот сѐ уште е незрел и опуштен. Неговата работа е да се отвори за да помине храната, а потоа веднаш да се затвори. Кај бебињата овој мускул лесно се отвора, па бидејќи тие главно лежат и пијат само млеко, храната многу лесно се враќа нагоре.
Зошто ГЕР е толку чест:
- Бебињата се хранат исклучиво со течна храна (млеко).
- Поголемиот дел од денот го поминуваат во лежечка положба.
- Имаат мал желудник и чести оброци.
Кога бебето ќе почне да седи, да јаде поцврста храна и кога овој мускул ќе зајакне, рефлуксот почнува да исчезнува, најчесто целосно ги снемува сите симптоми до крајот на првата година.
Кои се најчестите симптоми на ГЕР?
Повраќањето се смета за сосема нормално сѐ додека бебето е задоволно и добро напредува во тежина.
Сепак, кај некои бебиња рефлуксот може да предизвика непријатност, па затоа обрнете внимание на следниве знаци:
- Често повраќање по оброкот (дури и еден час подоцна)
- Ненадеен плач и нервоза за време или веднаш по хранењето
- Одбивање на шишето или доењето иако бебето е гладно
- Немирен сон и често будење
- Свиткување на телото наназад по јадењето
- Засипнат плач или повремена кашлица.
Како едноставно да му помогнете на бебето?
Со неколку мали промени во секојдневието можете значително да ги намалите симптомите:
- Помали и почести оброци: Наместо големи количини млеко одеднаш, давајте му на бебето помали оброци, но почесто.
- Држете го бебето исправено: По секој оброк, држете го бебето во исправена положба 20 до 30 минути и задолжително почекајте да подждригне.
- Подигнете го душекот во креветчето: Поставете го душекот под агол (наклонет нагоре кај главата) за гравитацијата да му помогне на млекото да остане во желудникот.
- Специјални формули: Доколку бебето пие адаптирано млеко, консултирајте се со педијатар за користење на АР млеко кое е погусто и потешко се враќа нагоре.
Забелешка: Доколку забележите дека бебето воопшто не качува на тежина или постојано одбива да јаде, обратете се кај вашиот педијатар за совет.