м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Добриот и правилен говор се учи од рани години и за тоа е потребен добар „говорен пример“, но и голем број говорни искуствени ситуации во кои го поставуваме малото дете

Позната стара поговорка вели – прозбори да те видам кој си.

Основна цел е да ја истакнеме вредноста на говорниот збор, особено во секојдневното живеење, да истакнеме дека е дојдено такво време зборовите да имаат своја тежина, не само за поединецот, туку и за севкупното социјално опкружување.
Еден просечен човек 40% од времето ги поминува во слушање, 25% во зборување, а 10% остануваат за пишување. Јасно е дека многу повеќе зборуваме отколку што пишуваме.
Потребата за комуникација со помош на говорот и задоволството од него секој од нас ги доживува и истакнува на сопствен начин. Ако знаеме правилно да зборуваме, можеме да изразиме љубов во расправија и задоволство во лутина.

Добриот и правилен говор се учи од рани години и за тоа е потребен добар „говорен пример“, но и голем број говорни искуствени ситуации во кои го поставуваме малото дете. Затоа е потребно децата уште од мали да ги научиме правилно и убаво да зборуваат, јасно и осмислено да се изразуваат.
Во текот на моите стручни ангажмани и работни обврски како логопед, и секојдневно рехабилитирајќи го говорот кај малите деца, забележувам дека некои од дечињата не знаат убаво да комуницираат. Во текот на комуникацијата користат непотребни и невкусни зборови кои не се адекватни за нивната возраст, изобилуваат со вулгарен вокабулар донесен т.н. од улица, и кога зборуваат, нивниот тон е повишен и груб. Некои од дечињата, пак, зборуваат пребрзо и неразбирливо, некои се галат, лигави се и „распекмезени“.

Ваквите форми на говорно изразување не се пријатни и не се убави за сетилото за слух. Професијата и стручноста ми налагаат секојдневно да апелирам и да советувам да се внимава на тоа како се зборува, но и на тоа за што се зборува.
Доколку малото дете продолжи да користи неадекватна комуникација подолг временски период, се случува кај него да се вкоренат грди елементи од детскиот говор и да се оформат негативни особености и навики во самата личност, и истите во понатамошниот живот тешко се искоренуваат.

Културата на правилниот говор не подразбира само естетски вкус, набљудуван од надворешноста, тоа е работа и на внатрешното психичко и духовно облагородување и богатење на детската личност.
Најголема улога има говорниот пример од средината, дали е тој пример ставен во групата како добар, позитивен пример или пак е ставен на лош, негативен пример.

Негативни говорни примери

Би навела неколку негативни говорни примери кои негативно и штетно влијаат врз говорниот развој кај децата, од причини што треба да работиме на нив и говорно да ги превоспитуваме и правилно да го насочуваме говорниот развој.

1.Родители што премногу им дозволуваат на своите деца, им попуштаат и буквално сѐ им допуштаат, сѐ што ќе посакаат брзо им го даваат. Родителите ги молат за јадење, ги молат за учење, за средување на собата, ги молат да појдат да купат леб. Секојдневно им служат и се станати како слуги на сопствените деца. Ваквите деца стануваат премногу разгалени, егоистични, не знаат да водат грижа за другите, да му укажат помош, утеха и внимание на друг. Кај овие деца говорот не е убав затоа што покажуваат говорна изразеност без јаснотија и без прецизност, едноставно зборовите не им доаѓаат од срцето, туку од нивната потреба да владеат и да прикажат моќ.

2.Родители што зборуваат премногу брзо и нервозно, презафатени од свои обврски. Кај нив говорот личи на брза агенда од премногу брзи зборови, кои малото дете не може да ги разбере и тешко го обработува тоа што го слуша. Во вакво семејство детето развива брзоплет говор, испушта гласови и слогови, нема време да ја заврши мислата, зборовите немаат поврзаност и недостигаат логични реченици. Кај овие деца недостига правилна и логична усогласеност, која се пренесува и на читањето и на пишувањето.

3.Има родители што во својот говор користат премногу примитивни (прости) зборови, користат т.н. пцости. Пцостите ги употребуваат во обичниот говор како „добро утро“ и не е ни чудо што детето кое расте во такво опкружување попримува и истите ги употребува мислејќи дека така треба да се зборува. Кај овие деца говорот по содржина ги губи убавината, естетиката и правилноста во зборувањето. Детскиот речник не е развиен и му треба време да се оформи. На децата им недостига асоцијација на убави поими, им недостига квалитетна мисла и празнините ги пополнуваат со грди, непотребни зборови.

4.Родители кои чувајќи го своето дете, се однесуваат нервозно и агресивно, истовремено користејќи груб и суров тон. Тоа се случува кога малото дете е немирно, тогаш родителите го караат и го навредуваат. Во ваква говорна ситуација не се развива почит и не се почитува авторитет, се нема обѕир и се губи правилниот однос родител-дете. Ова дете е тажно и тешко се вклучува во игра со други деца, секојпат како да се плаши да не згреши нешто, помалку зборува и ги нема радоста и духот на детската игра.

Потребно е децата уште од мали да ги научиме правилно и убаво да зборуваат, јасно и осмислено да се изразуваат

Како да им помогнеме на децата правилно да зборуваат?

Логопедот ги советува:
1.Родителите треба да користат говор разбирлив по содржина.
2.Со детето секојдневно да се разговара, и да се учи и за работи што не му се познати.
3.Речениците треба да бидат јасни и кратки.
4.Да се избегнуваат грди и неубави зборови и реченици.
5.Да се избегнуваат вулгарни и „прости“ зборови и реченици.
6.Гласот треба да биде јасен, ни премногу силен ни премногу тивок.
7.Гласот во зборовите да се изговара чисто и со јасна изразеност.
8.Кога се зборува, да се гледа детето в очи, но и детето да ве гледа в очи.
9.Темпото и ритамот на говорот да бидат умерени, ни премногу брзи ни премногу бавни.
10.Да се внимава на граматиката.
11.Говорот треба да биде милозвучен, топол, благ и пријатен.
12.Да се читаат приказни, басни и песни.
13.Да се прераскажуваат приказни, басни и песни.
14.Да се рецитираат песни.
15.Да се прави избор на текст по содржина весел, интересен, но и поучен, за да може нешто детето да научи.
16.Детето треба да се прифати со севкупната негова природа.
17.Детето треба да се сака и почитува.



912

X