однесување Прашај психолог

Ќерка ми има 4 години и доживува тантруми со долго плачење и виткање на телото дури и во сон. Дали треба да посетиме психолог?

ПРАШАЊЕ: Имам 4-годишна ќерка која периодов има проблем со кажување и препознавање на потребите (мочкање, јадење, умор). Има тантруми, односно многу плаче и вика и тоа трае долго, 30 минути. Последните два пати забележавме дека тоа беше поради умор и многу топло. Знаеме за тантрумите, но ова некако нѐ загрижува, некако е чудно. Кога плаче, на почеток не сака никаква близина, вика најгласно што може, ги тегне нозете, го витка телото и постојано вели дека така нешто ја тера и не може да се смири. Се случи тоа и во сон. Прво почна во сонот да мрда, потоа почна да плаче и се разбуди, па така правеше едно 20 мин., не можевме да ја смириме. Велеше дека ѝ е топло. Ја смируваме секогаш на мирен начин. Прашањето ми е дали тоа е нормално за таа возраст, дали треба да посетиме детски психолог бидејќи кога имаме таква ситуација, многу сме загрижени?

ОДГОВОР: На возраста на која е вашето девојче, децата веќе многу зборуваат, поставуваат прашања, имаат богата фантазија, можат да следат правила и постепено учат да ги разбираат своите и туѓите емоции. Тие сè уште учат да ги препознаваат сигналите што им ги испраќа телото и да разберат што всушност им се случува.

Може да почувствуваат дека нешто не им е пријатно, но не знаат веднаш што им треба. На пример, може да се уморни, гладни, жедни, да им се оди во тоалет или да им биде топло, но наместо да кажат: „Уморна сум“, „Жешко ми е“ или „Ми се мочка“, тие едноставно стануваат раздразливи, плачат или се вознемируваат. Дури и кога детето знае дека треба да каже: „Ми се мочка“, во момент кога е многу уморно, гладно, вознемирено или му е премногу топло може да не успее навреме да го препознае телесниот сигнал и да го претвори во збор.

Истото се случува и со емоциите. Детето сè уште учи да препознава дека е луто, разочарано, тажно, уморно итн. Најчесто однесувањето го кажува она што детето сè уште не знае да го каже со зборови.

Детето чувствува голема преплавеност пред да успее да разбере и да именува што точно му се случува. Затоа често, дури откако ќе помине епизодата, родителот може да препознае: „Да, всушност, беше уморна/жедна/поспана“, токму како што и вие забележавте кај последните два случаи.

Замислете кога вие сте многу лути или вознемирени. Телото ви се стега, можеби ги стегате рацете, чувствувате дека ќе експлодирате и само сакате да викнете или да удрите нешто. Вие како возрасен човек сепак можете да се запрете, да се тргнете, да земете здив и да си кажете: „Добро, премногу сум лут/а, ќе се смирам.“

Но вашето дете сè уште ја нема таа способност.

Многу е добро што не реагирате бурно и што веќе и самите чувствувате дека треба да останете смирени. Вашата смиреност му помага на нејзиниот нервен систем постепено да се смири. Таа ќе се смирува преку вас, а со текот на времето таа способност ќе станува и нејзина. Во самиот момент на тантрумот останете блиску и бидете тивки, не убедувајте ја, односно не зборувајте многу, почитувајте ако не сака да ја допрете, проверете дали е уморна, гладна, жедна, дали ѝ е топло или ѝ се оди во тоалет, намалете ги стимулите околу неа и дозволете ѝ прво да се смири, а потоа разговарајте за тоа што се случило.

Почнете со учење да ги именува емоциите. Именувајте ги емоциите наглас, во моментот: „Гледам дека си многу лута сега.“ Кога ќе се смири, можете да кажете: „Ти беше тешко пред малку. Беше многу лута/уморна. Сега си подобро.“

Користете сликовници и игри кои зборуваат за емоциите. Именувајте ги и сопствените емоции пред неа, гласно, во секојдневни ситуации: „Мама сега е малку нервозна затоа што брза“ или „Баш сум лута што…“

Проверувајте ги телесните сигнали проактивно, пред да ескалираат и воведете рутински прашања како: „Дали си жедна? Дали сакаш да се одмориш малку?“ – наместо да чекате таа сама да препознае и да каже што ѝ треба. Можете да ѝ помогнете и преку цртање, сликање, пластелин, игра со кукли или други активности преку кои детето може да го изрази она што можеби сè уште не знае да го каже со зборови.

Верувам дека во тие моменти сте и збунети и вознемирени и сосема е разбирливо да барате различни начини како да ја смирите. Секако, границите треба да ги имате и да бидете доследни на нив. Не плашете се од самата силна реакција, на оваа возраст детето сè уште учи да ги препознава своите потреби, да ги именува чувствата и да ги регулира силните емоции.

Наша задача како родители не е да го спречиме секое плачење, лутина или разочарување, туку постепено да му помогнеме на детето да разбере што му се случува и да почувствува дека може да помине низ тоа без да биде само.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top