Групите на интернет се добри за да се разменат искуства за поддршка во одредени моменти, но не е во ред тие да бидат пресудни во одредени ситуации и преку нив да се лекуваат децата

Топлината со која ќе ве пречека во нејзината ординација за секунда ќе го стопли загрижениот родител, кој дошол со своето дете да побара помош. Педијатарот Драгана Емел-Маркоска од Скопје во ординацијата ПЗУ „Д-р Ложанковски“ умее да ве утеши тогаш кога мислите дека светот ви се срушил. Таа не заборава дека родителот не мора да знае многу за медицина и дека работа на лекарот е да помогне најдобро што умее.
Емел-Маркоска е пријател на Деца.мк од самиот почеток и со своите совети придонесува за подобро информирање на родителите.

Како педијатријата стана Ваша животна определба?

– Пред околу 15 години кога завршив Медицински факултет, започнав да работам во амбуланта каде што се среќавав со луѓе од сите возрасти, но за кратко време сфатив дека најголем предизвик и задоволство ми причинуваше работата со децата. Најголемиот предизвик беше да се разберат што сакаат тие малечки битија, а притоа не знаат да зборуваат. Да се измами насмевка на нивните лица, да не се расплачат на прегледот и човек да успее да им стане верен другар. Така, едно по едно, тоа стана моја животна определба.
Од завршувањето на мојата специјализација се навршени околу пет години, но и пред тоа работев со деца.

И Вие имате две деца, од кои едното нема ниту месец. Имате стресна професија. Како се снаоѓате во двете улоги?

– Како се снаоѓам, веројатно треба да ги прашаме другите околу мене. Сепак, мислам дека добро се снаоѓам во двете улоги. Сѐ што се сака се може. Тоа е моето мото. Кога си одам дома, се трудам работата за момент да ја оставам настрана. По враќањето од работа прво следува едно убаво играње и гушкање со поголемиот син, кој има три години и мислам дека има енергија за повеќе од едно дете. Оваа игра и насмевките ми даваат сила за уште многу работи што треба да ги завршам подоцна. Во текот на таа игра веројатно се излачува хормонот на среќата кој ми дејствува антистресно и ми помага да се релаксирам. На работа има многу тешки и стресни ситуации, но и тие се надминуваат полесно ако на крајот од прегледот добијам насмевка и прегратка. Така денот е полесен! Периодов го користам за да поминам повеќе време со децата.

Денешните родители многу често ги избираат интернетот и различни социјални групи и така се советуваат за здравствените проблеми на своите деца. Што би ги советувале Вие? Треба ли повеќе да им веруваат на своите матични лекари?

– Ерата на интернетот донесе многу придобивки во современиот свет. Со тоа многу работи станаа подостапни, како и информациите за голем број болести. Некогаш мајките мислејќи им најдобро на своите деца, читаат многу веб-страници, но дел од нив се проверени, а дел не и шират многу дезинформации и непотребна паника. Сметам дека кога родителите избираат матичен педијатар за своето дете, тие прво се запознаваат со него, па потоа проверуваат дали некој го познава, какво искуство има со тој педијатар, и на крај се одлучуваат за конкретниот лекар. Сметам дека со самиот избор на педијатар, тие почнуваат да му веруваат на лекарот дека тој прави сѐ за доброто на нивното дете и дека сите заедно имаат иста цел – среќно и здраво дете. Групите на интернет се добри за да се разменат искуства за поддршка во одредени моменти, но не е во ред тие да бидат пресудни во одредени ситуации и преку нив да се лекуваат децата.

Драгана Емел-Маркоска

Многу често лекарите знаат да ги испаничат родителите соопштувајќи им ја состојбата за здравјето на нивното дете. Колку е важна емпатијата во Вашата работа? Дали се ставате во чевлите на родителот?

– Информацијата за здравјето на децата е многу важна и нормално е дека родителите треба да ја знаат секоја информација. Но, секогаш кога нешто им соопштуваме, треба да имаме на ум дека родителите не се медицински обучени лица, па сѐ може да им изгледа многу страшно. Најдобро е да им се објасни сѐ полека со сите информации што треба да им се кажат, за состојбата, за можните компликации, но и да им влееме спокој дека се прави сѐ што е најдобро за нивното дете и плус, доколку имаат прашања, треба да гледаме да им ги одговориме и тие.



912

X