Летото минува со голема брзина, а за многу семејства овој септември носи особено голем и значаен чекор – првиот училиштен ден на нивните најмали. Тоа е возбудлив, но и стресен период за родителите и за идните првачиња. За среќа, постојат многу работи што можете да ги направите за да им го олесните овој премин. А тоа има многу помалку врска со познавањето на буквите и бројките, а многу повеќе со усвојувањето практични вештини.
Главната вештина што треба да ја вежбате летово
Британи Бреди, училиштен социјален работник и мајка на две деца, советува дека еден од наједноставните начини да ја изградите самодовербата кај идното прваче е: да вежбате јадење ужина/ручек дома.
Според неа, за децата кои првпат седнуваат во школските клупи, најголем предизвик не се предметите, туку секојдневните практични задачи: самостојно отворање на садовите за храна, барање помош, чистење по себе и самостојно организирање за време на паузата.
„Еден од наједноставните начини да изградите самодоверба кај првачињата? Вежбајте да ручате дома на истиот начин како што тоа би го правеле в училиште“ вели Британи Бреди.
Практични совети за подготовка:
- Купете ги кутиите за ужина однапред: Купете ги садовите и шишињата за вода уште во текот на летото и вежбајте да ги отворате и затворате дома. Ако детето не може да ги отвори дома на кујнската маса, нема да може да го направи тоа ниту во училиште.
- Избегнувајте компликувани пакувања: Избирајте садови и амбалажи кои детето може лесно и самостојно да ги менаџира без да му треба постојана помош од наставникот.
- Ограничете го времето за јадење: Вежбајте детето да ја изеде својата ужина во рок од 15 минути бидејќи тоа е вообичаеното време што ќе го има на располагање за време на училишниот одмор.
- Научете го да бара помош: Објаснете му на детето дека е сосем во ред да побара помош од наставничката доколку нешто се заглави или се истури.
- Не воведувајте нова храна: Училиштето не е вистинското место за тестирање нови вкусови. Пакувајте храна за која веќе знаете дека детето ја сака, за да бидете сигурни дека ќе биде најадено и спремно за учење.
- Вклучете го детето во изборот: Дозволете му на детето да учествува во пакувањето или избирањето на својата ужина. Тоа ја развива неговата самостојност и чувството за одговорност.