Вања има многу интереси и е добро дете со мирен дух. Си ги обожава другарчињата, братучетката Каја, а не сака многу да јаде зашто тоа било досадно…
На две и пол години сам си го напишал своето име на ранчето за во градинка. Веќе од три години самостојно чита различни текстови напишани на англиски и на македонски јазик, а од 4 години собира, одзема, множи и дели. Прави нивоа за игри, сонува да е програмер и архитект. Ова е Вања Трифуновски, детето кое денеска има само шест години, а е надарено и мултиталентирано дете во вистинска смисла на зборот.
Голема љубов му е кодирањето
Ова кротко и послушно детенце, кое е прваче во Основното училиште „Ѓоргија Пулевски“, има една голема љубов, а тоа е програмирањето, односно кодирањето. Вања, како што ни раскажа мајка му, наместо играчки, за роденден посакал да оди некаде на часови каде што ќе научи да прави игри.
– Едвај му минуваа деновите, едвај дочека да најдеме соодветно место. Сега оди во „Арс Ламина“ и многу сме среќни и задоволни од часовите таму. Курсот му завршува неделава и ќе треба да се најде некој следен предизвик во таа смисла. Сакам и верувам дека ќе оди на програмирање, кога ќе најдеме нешто соодветно за него. Таму му ја гледам среќата, па следствено и фокусот за инвестирање во неговата иднина ми оди во тој правец – вели мајка му Софија.
Ова детенце веќе некое време прави нивоа за игри. Интересот за тоа кај него постои одамна.
– Кога почна да симнува игрички, тоа најчесто беа логички задачи или brain games и сè што е поврзано со бројки и сметање. Од пред половина година го насочи интересот целосно на неговата омилена игра Geometry dash. Секојдневно на неа прави нивоа, ги именува со смешни имиња, ги постира онлајн и чека лајкови. Гледа јутјубери како ја играат и се надева дека некој ќе ја игра негова патека. Играта е многу интересна и нему одлично му оди креирањето. Аватарот му се вика Pressy – објаснува мајката.
Азбука и абецеда знае од една и пол година
Букви, бројки, читање, пишување, воопшто истражување и учење математика, геометрија, астрономија му се главни интереси и нешта што го радуваат уште откако бил многу малечок, се присетува Софија.
– Азбука и абецеда научи сам, на 16 месеци, уште го немаше совладано говорот, а знаеше што се W и Q. Истовремено беше посветен на учење знамиња и знаеше голем дел од нив, одеше кај секој што сакаше да го научи нешто повеќе на таа тема. Почна да ги пишува буквите кога имаше две години и набрзо веќе пишуваше зборови. Паметам дека на првото ранче за во градинка, на две и пол години, си го имаше потпишано името сам. Тој период имаше голем интерес за вселената, ги научи сите планети и сè што му беше достапно на темата. Особено ги сака џуџестите планети, а омилена му е Хаумеа зашто има форма на елипса. И Плутон, поради срцето што го има на себе. Кога наполни три години, го совлада читањето и тогаш беше опседнат со читање на сè што ќе му излезеше пред очи – раскажува Софија.
Вања читал билборди по улица, менија во ресторани…
– Има еден куп нешта што можат да бидат прочитани на улица, ако ја забележуваш секоја буква. Пред половина година забележавме дека почнал течно да чита на англиски, иако и претходно спелувањето добро му одеше. Одлично пишува на англиски и многу мрази кога прави грешки во спелувањето. Сето тоа знаење не му е наметнато, туку сам истражува и црпи од тоа што го гледа на „Јутјуб“ и од многуте книги на двата јазика што често ги добива на подарок. Поривот и потребата за учење и осознавање на нови нешта се само негови и никогаш ништо не му било наметнато – вели Софија.
Скицирани нивоа за игри
Опседнат е со математика од 4-годишна возраст
Интерес за математика Вања почнал да покажува кога имал само четири години. Тогаш почнал да собира, одзема, а подоцна и да множи.
– Кога имаше околу четири и пол години се опседна со математика. Пред скоро време се пожали дека заборавил да дели. Задачите со минус му се омилени и многу забавни. А јас не сум некој љубител на математика. Сеедно, тој период наутро со првото кафе бев обврзана да решам најмалку по пет задачи што ми ги смислуваше и оценуваше потоа. Всушност, почесто сум јас ставена на тест, буквално ми прави тестови кои морам да ги решавам. Деновиве ме учи за црни дупки, астероиди и слични феномени – ни раскажува мајката.
На прашањето какво дете е Вања, таа ни одговори дека е среќно, послушно и многу разумно дете.
– Има мирен дух и добар е. Тоа ми е најважно. Кроток и умен. Нормално, знае да се претвори во Хулк, далеку е од совршен, но тоа што му е душата добра ми е омилено кај него. Сака да другарува и не сака да му наштети никому. Ние го воспитуваме да верува во себе, да се сака себеси и да ја знае својата вредност, но да не стане самовљубен. Да биде културен, да се грижи за себе, за другите и за домот. Да почитува. И добро му оди засега – додава Софија.
Обожавам да правам нивоа на Geometry dash
– Најмногу од сè сакам да правам нивоа на Geometry dash и да одам на часови во „Арс Ламина“ – вели Вања. Тој сака и кога се шета со мама и тато, а сака многу и да црта.
– Чекам да падне снег зашто обожавам да правам снешко. Омилена ми е братучетка ми Каја, со неа најмногу глупости правиме, а ја обожавам и малата Софи. Марко и Иван ми се најдобри другарчиња, со нив најмногу си играм. Дина и Елена ми се супер другарки, а најмногу ми недостига Наум, моето омилено другарче од градинка – вели Вања.
Со мама се шетаат по кеј, а дома играат игри, монопол, џенгаили уно. Со тато играат фудбал, учат за вселената, за супер хероите и математика.
– Тато знае многу работи и сакам да учам со него. Многу е забавен и смешен. И со него правиме глупости – вели Вања.
Ова прваче не сака многу да јаде зашто тоа му е досадно.
– Но морам да јадам многу овошје и зеленчук зашто се здрави. Јас најмногу сакам колачиња и гумени бонбони, ама мама вели дека се грозни. И манџа грав, омилена ми е – низ смеа вели Вања.
Има желба да стане архитект кога ќе порасне, за да измислува згради, но сака да биде и програмер и да правам многу игри.
– Кога нема да сум на работа, ќе бидам јутјубер и ќе правам видеа заедно со тато. Ќе биде многу интересно и убаво – заврши Вања.
912