градинка Прашај психолог

Живееме во странство и ќерка ми не си игра со децата во градинка, се повлекува да црта… Како да ѝ помогнеме?

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 5 години и живееме во странство. Таа е многу е паметна и креативна, тоа ни го кажуваат постојано во градинка, меѓутоа, не сака да си игра со дечиња и многу слабо комуницира со нив и поради тоа не може да го научи јазикот, па одиме и на логопед. Или ако си поигра со некој, тоа е само накратко и пак се повлекува, оди да си црта или да си разгледува некоја книга, а се радува кога оди во градинка и сака да биде помеѓу деца. Ве молам за совет што понатаму?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Ние, родителите, често веруваме дека ако детето е поотворено, покомуникативно и посигурно во себе, тогаш сигурно е и посреќно. Но тоа не мора секогаш да биде така. Некои деца се поинтровертни, повнимателни и им треба повеќе време за да се отворат, а тоа не значи дека не се добро или дека нешто им недостига. Сепак, кога детето потешко се вклопува со други деца, природно е да се појават прашања и стравови кај нас, родителите, дали ќе се вклопи и ќе биде прифатена.

Од друга страна, некои деца едноставно се поосетливи и имаат потреба да набљудуваат, потребно им е повеќе време за да се отворат, особено кога се соочуваат со големи промени (вие најдобро го познавате своето дете). Бидејќи споменувате дека живеете во странство, вашето девојче се соочува со нова средина, нов јазик и речиси сè е ново, што за неа претставува дополнителен внатрешен напор.

Иако надворешно може да изгледа дека функционира добро, внатрешно може да се чувствува несигурно или преплавено. На оваа возраст детето сè уште го гради и чувството на сигурност во социјалните односи, а кога на тоа ќе се додадат и големите животни промени, процесот на адаптација природно станува побавен и повнимателен.

Дали ваквиот начин на повлекување и пократките интеракции со други деца биле присутни и пред преселбата или ова се промени кои ги забележувате по животот во новата средина? Какви биле нејзините односи и игра со децата претходно?

Бидејќи рековте дека детето сè уште не го владее добро јазикот, сосема е природно да се чувствува понесигурна во комуникацијата со другите деца. Во такви ситуации децата често се повлекуваат и се насочуваат кон активности што им се поедноставни и побезбедни за нив – како цртање или игра со книги – бидејќи така ја намалуваат непријатноста од комуникацијата што им е тешка во моментот.

Разговарајте со цел да разберете како таа ги доживува овие ситуации. Кога се возите, можете да поставувате прашања како: „Како ти беше денес со децата?“ или „Што ти беше најубаво?“, покажете интерес за активностите што ги имала, со кое дете играла, или што цртала, која книга ја гледала. Не сте навеле дали одите на логопед бидејќи говорот не е развиен или, пак, поради усвојување на другиот, новиот јазик.

Доколку говорот не е развиен, потрудете се дома да имате што повеќе жив говор и да разговарате и зборувате за сѐ, што помалку користење на мобилен или компјутер и тоа користење да биде ограничено. Компјутерот можете да го користите за вежби за развивање на говорот и учење на новиот јазик.

Добро е да ѝ овозможите контакт со мала група на деца, две до три деца кои ги познавате, за полесно да се опушти и да има простор да се поврзе без да се почувствува преплавено.

Прифатете ја онаква каква што е. Секое дете има свој ритам, следете го нејзиното темпо, но понекогаш охрабрувајте ја и поттикнувајте ја. Секое дете има свој начин на отворање и ослободување, а кога ќе се почувствува доволно сигурно, тоа природно ќе си дојде.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top