Тргнувањето во прво одделение е огромна пресвртница. Возбудата често се меша со прашањата: Дали моето дете е подготвено?, Дали доволно вежбавме?
Пред сè, вдишете длабоко. Подготвеноста за училиште не е само познавање на буквите и броевите. Тоа е склоп од вештини, а вие го имате целото лето пред вас за преку игра да го зајакнете своето идно прваче. Овој список сфатете го како патоказ, а не како строг тест.
10 важни јазични способности
Јазичните вештини се темел за читањето, пишувањето и комуникацијата.
- Препознава и знае да именува околу половина од буквите од азбуката;
- Знае да го напише своето име (барем со печатни букви);
- Знае со која буква започнува одреден збор;
- Може да го разложи краткиот збор на букви (на пр., м-а-м-а);
- Може да состави краток збор од букви;
- Знае да раскаже некој настан по редослед (на пр., што правело во градинка);
- Знае барем една бројалка или песничка напамет;
- Забележува римување според звукот (на пр., дете-мете);
- Јасно ги изговара сите гласови;
- Може да запамети и да повтори низа од 5-6 збора.
12 важни математички способности
Овие вештини вклучуваат просторна ориентација и логичко размислување.
- Ги разликува страните лево-десно на сопственото тело;
- Јасно е определено дали пишува со левата или со десната рака;
- Ги разликува просторните предлози (во, на, надвор, зад, пред, горе, долу, покрај…);
- Знае колку прсти има на раката;
- Знае да брои до 10;
- Знае да брои наназад од 10 до 1;
- Знае кој број оди пред, а кој по одреден број (на пр., пред 5 е 4, по 5 е 6);
- Го разбира правилото „плус еден“ и знае да го пресмета;
- Го разбира правилото „минус еден“ и знае да го пресмета;
- Ги разбира и ги разликува поимите поголемо, помало, еднакво;
- Може да изброи неколку предмети и да го изрази тоа со број;
- Ги разликува и ги именува основните геометриски форми (круг, квадрат, триаголник).
Што ако моето дете не знае сè од списокот?
Наш совет: без паника!
- Ова е водич, а не закон. Списокот претставува идеален сет на вештини. Ретко кое дете совршено ќе ги владее сите ставки. Тој служи само за да забележите каде му е потребна мала помош.
- Учењето преку игра е единствениот правилен начин. Заборавете на строгата атмосфера.
- За математика: Бројте ги скалите додека се качувате, автомобилите на паркингот, црвените предмети во собата. Играјте продавница.
- За јазик: Играјте „На буква, на буква“, барајте зборови што се римуваат, читајте приказни секоја вечер и разговарајте за нив.
- Не заборавајте на „невидливите“ вештини. Социјалната и емоционалната зрелост се еднакво важни. Дали детето знае да чека ред? Дали знае да споделува? Дали бара помош кога му е потребна?
- Секое дете има свое темпо. Почитувајте ги индивидуалноста и силните страни на вашето дете, а оние послабите поттикнувајте ги нежно, без притисок.