Здравје

Без шеќер во првите 1.000 дена, тоа е клучот за трајно здравје на вашето дете

Звучи неверојатно и во време на искушенија кои нè опкружуваат од сите страни, изгледа речиси невозможно детето да не вкуси шеќер до својот втор роденден. Проблемот настана во оној момент кога почнавме чудно да ги гледаме родителите кои им ги забрануваа индустриски слатки на малите деца, наместо да ни бидат пример. Детството не се обоените бонбони, кексите и чоколадото, а идејата дека сме направиле добра работа кога на детето ќе му дадеме чоколадо е целосно погрешна.

Тоа не го велиме ние, туку сите достапни истражувања на оваа тема. Конкретно, во една од најновите студии објавени во списанието „Наука“ се вели дека исхраната во првите 1.000 дена од животот (почнувајќи од зачнувањето, преку бременоста, па до вториот роденден) има доживотно влијание врз здравјето. Кога следниот пат ќе помислите: „Моето дете јадеше чипс и кекс на осум месеци и ништо не му фали“, сетете се на овој термин – доживотно влијание.

Зошто се клучни првите 1.000 дена?

Тие „први 1.000 дена“ се како темел што го градите кога градите куќа. Тој е најважен бидејќи врз него се потпира сè друго. Бебињата добиваат хранливи материи уште во матката, потоа преку мајчиното млеко или вештачкото млеко и на крајот преку цврстата храна.

Според студијата спроведена од истражувачи од Универзитетот во Северна Каролина, Беркли и Универзитетот „Мек Гил“, резултатите се следни:

  • Ако мајката го намали внесот на шеќер додека е бремена, веќе изградила една третина од тој темел.
  • Ако продолжи да го храни бебето со намирници без индустриски шеќери, темелот ќе биде цврст и силен.

Конкретни придобивки за здравјето

Децата со многу ограничен внес на шеќер во првите години од животот имаат:

  • 35 % помал ризик да развијат дијабетес тип 2.
  • 20 % помал ризик да развијат хипертензија (висок крвен притисок) подоцна во животот.

Американскиот центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) препорачува на децата до две години да не им се даваат засладени пијалаци и храна. Ова не се однесува на природните шеќери во млекото, овошјето и зеленчукот. По втората година, внесот на додаден шеќер треба да биде ограничен на најмногу 10 % од вкупниот дневен внес на калории.

Како да го препознаете скриениот шеќер?

Шеќерот се крие во речиси секој производ на полиците. Еве неколку совети:

  • Внимателно читајте ги етикетите: Барајте зборови како „сируп“, „малтоза“, „фруктоза“ или „концентрат од сок“ – тоа е всушност шеќер.
  • Одбирајте цели зрна и свежо овошје: Избегнувајте преработени кашички и готови производи.
  • Фокусирајте се на рамнотежа: Повремено парче кекс нема да наштети, сè додека тоа не стане секојдневна навика.

Вашата одговорност како родител

Ваша задача е да ги поставите границите. Кога децата ќе пораснат, веројатно ќе јадат многу нешта што не се здрави, но тоа не е изговор вие да им ги нудите сега. Нормално е да изедете парче торта на роденден, но ако секојдневно купувате слатки и грицки, време е за аларм.

– Шеќерот во првите години од животот е тутунот на модерното време – вели Пол Гертлер, истражувач од Беркли. Понудете им на вашите деца темел на здравјето.

Извор

Поврзани написи

To top