Воспитување

Важно е да им дозволите на децата да чувствуваат негативни емоции

Се чини дека очигледна желба на секој родител е неговите деца да се секогаш среќни. Се обидуваме да ги заштитиме од негативни работи, разочарување и тага, но еден експерт за родителство вели дека постојаното барање среќа е знак на лошо родителство. Таа верува дека клучно е да им се дозволи на децата да доживеат и да изразат цел спектар на емоции.

„Сакам моите деца да бидат реални“

-Не сакам моите деца да бидат среќни цело време. Сакам да бидат реални. А вистинските луѓе минуваат низ многу емоции секој ден – објаснува експертот за родителство Миа Вон Ша.

Според неа, истражувањата покажуваат дека емоционалната компетентност вклучува пристап до цел спектар на емоционални искуства и е клучно децата да научат да ги регулираат тие чувства кога ќе се појават.

-Она што го сакам е моите деца да се чувствуваат толку удобно околу мене што можат да врескаат и да викаат, да плачат и да се жалат и искрено да го изразат она низ што минуваат во тој момент – вели таа.

Нагласува дека секоја емоција на крајот поминува.

-Емоциите што се изразуваат не траат долго, додека потиснатите емоции можат да траат цел живот.

Нејзина цел е децата да бидат слободни да бидат тоа што се во секој момент и да знаат дека се сакани во сите нивни состојби.

-Сакам да се чувствуваат безбедно и да доаѓаат кај мене со својата болка, за да можеме да се поврземе и да споделуваме приказни, чувства и самата наша човечност.

Опасноста од охрабрување исклучиво на среќата

Кога претпоставуваме дека за децата е најдобро да бидат среќни и ја охрабруваме среќата пред сè, им ја испраќаме неизговорената порака дека нивната несреќа ќе влијае врз нашата среќа како родители. Потоа, им ги пренесуваме сопствената вина, страв и чувство на неуспех на нашите деца. Ги наведуваме да веруваат дека не можат да ги покажат своите вистински чувства без да се грижат за нас и да нè разочараат.

Правејќи го тоа, ги подготвуваме нашите деца за фантазија каде што сè е лесно и сите се среќни цело време, а ако не сте среќни, тогаш нешто не е во ред со вас. Пораката што треба да им ја пренесеме на децата е дека сите ние секојдневно доживуваме различни емоции – некои силни и долготрајни, други благи и минливи, но сите тие се дел од човечкото искуство.

Прифаќање на болката како пат кон здравјето

Секоја емоција има место и цел и ќе помине кога ќе обрнеме внимание на неа и ќе ѝ дадеме простор. Истражувачите кои проучувале повеќе од 1.000 луѓе откриле дека поединците што си дозволиле да чувствуваат негативни емоции, без самоказнување, имале подобро ментално здравје. Кога прифаќате емоција наместо да се обидувате да ја потиснете, таа исчезнува побрзо и ве мачи помалку со текот на времето.

Со тоа што си дозволуваме себеси и на нашите деца да ги доживееме сите емоции, ја отвораме можноста за учење и растење. Исто така, стануваме слободни да ги споделиме емоциите со другите, без да се чувствуваме виновни за тоа што се чувствуваме лошо. Ова, според експертите, е пат кон истражување на длабочините на тоа што значи да се биде жив.

Овој пристап ги збогатува нашите односи со децата и ни овозможува да ги видиме такви какви што се, а не какви што се надеваме дека ќе бидат.

-Децата кои се постојано среќни се оние што потиснале голем дел од својата човечност. Не го сакам тоа за моите деца – заклучува Вон Ша.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top