однесување Прашај психолог

Во градинка е премногу мирен, но дома е агресивен, кажува безобразни работи и нѐ срами пред други луѓе… Што да направиме?


ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3,5-годишно дете и во последно време забележувам многу негативни промени кај него во врска со однесувањето и зборувањето. Се молам да се фази, периоди или тантруми како што се нарекуваат. Премногу е бистар, паметен, оди во градинка, зборуваме и буквално сѐ ми кажува и сум во тек. Почна да станува многу агресивен спрема нас (а во градинка е мирен премногу), па и кога излегуваме да прошетаме се однесува некултурно за негова возраст, некако слабо знае да се заигра со други дечиња, не го интересира ништо или прв почнува да ги задева, па дури и братучедите. Ќе се заигра, но ако не е по негово, одма почнуваат непријатности. Зборува безобразни работи и навистина не можам да поминам преку тоа. Нѐ става во непријатна ситуација пред други луѓе и се чувствувам засрамено. По препорака од неговиот педијатар, почнав да му давам Б-комплекс навечер бидејќи и кога плаче, тоа се сцени со врескање и мавање. Каков било совет ќе ми биде од огромна помош.

ОДГОВОР: Во овој период детето има потреба од стимулирање на неговата емоционална интелигенција и социо-емоционален развој. При ваков начин на однесување потребно е да се утврди која емоција е сокриена зад тоа. Во однос на тоа што однесувањето не е карактеристично во градинката, можеме да забележиме дека сепак е потребно воспитување на чувството на лутина кое детето чувствува слобода да го изрази дома и го обојува на начин на кој тој самиот го доживува и разбира. Поради тоа, потребна е насока од родител со цел детето да ја прифати лутината како прифатлива, но и да се ослободи на адекватен начин од неа. Лутина не е исто што и агресија. Лутината е чувство, а агресијата е начин на однесување.

Лутината е прифатлива, но не и агресијата. Во тој контекст треба да имате дефинирано семејни правила во кои ќе биде и правилото дека во нашиот дом кога сме лути, не удираме и не фрламе сѐ околу себе. Помогнете му на вашето дете да се справи со лутината така што прво ќе ја прифати како дел од себе, а потоа ќе ја пренасочи и канализира нејзината енергија во корисни и продуктивни активности од кои ќе добива позитивна себепотврда. Иако таа е непријатно и експлозивно чувство, мора да знаете дека е природна и пожелна бидејќи му помага на детето да се заштити и одбрани од непријатни ситуации кои му ги создава околината, па како таква треба да биде воспитана и социјализирана како и секоја друга емоција. Во овој период можна е и појава на тантруми и ситуации какви што опишавте.

Вие треба да останете смирени на лутината и непожелното однесување, да не одговарате со лутина и непожелно однесување, туку напротив, бројте до десет и во прв момент обидете се да го гушнете силно и да му покажете дека го разбирате и дека сте тука за него. Откако ситуацијата ќе се смири, разговарајте за причините што ја предизвикале и понудете му решение. Менувајте улоги во кои ќе му направите рефлексија на однесувањето. На пример, вие бидете детето, а тој нека биде мајка или татко. Ставете го во тест-ситуација да се справува со вас.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top