Здравје

Прераниот пубертет кај девојчињата станува сѐ почест по ковид-пандемијата

Прераниот пубертет сѐ почесто се јавува кај девојчињата во светот, а многубројни истражувања покажуваат дека овој тренд дополнително се засилил по ковид-пандемијата. Најчестите причини се прекумерната телесна тежина, начинот на исхрана и современиот начин на живот, додека влијанието на козметиката, загадениот воздух и одредени хемиски супстанции сѐ уште се истражува.

Епидемиолошките истражувања укажуваат дека возрасната граница за почеток на пубертетот се намалува, особено кај девојчињата, и тоа не само во Европа, туку и глобално. Според експертите, трендот на порано влегување во пубертет е забележан уште од почетокот на 21 век во западните земји, а подоцна се проширил и во другите делови од светот.

Што се смета за преран пубертет?

Прераниот пубертет се дефинира како појава на пубертетски промени пред осмата година кај девојчињата и пред деветтата година кај момчињата. Под нормален развој се подразбира појава на секундарни полови карактеристики како растење на гради и појава на влакна по осмата година кај девојчињата, односно зголемување на половите органи и појава на влакна по деветтата година кај момчињата. Исто така, за нормално се смета и појавата на прва менструација по десеттата година.

Секој развој што започнува пред овие граници се смета за преран и бара лекарска процена. Лекарите нагласуваат дека причините не мора секогаш да бидат поврзани со сериозно заболување, но неопходно е внимателно следење.

Дебелината како клучен фактор

Еден од најзначајните фактори за појава на преран пубертет е прекумерната телесна тежина, особено кај девојчињата. Кај момчињата оваа поврзаност е послабо изразена, иако постојат истражувања што укажуваат дека и кај нив дебелината може да придонесе за порано започнување на пубертетот.

Што се однесува до влијанието на факторите од околината како пластиката, козметиката, храната и загадениот воздух, сѐ уште не е научно докажана директна и јасна поврзаност. Сепак, одредени хемиски соединенија се поврзуваат со можни негативни ефекти врз репродуктивното здравје. Лекарите посочуваат дека наглото зголемување на телесната тежина во предучилишна и рана училишна возраст е една од најчестите причини за ран пубертет кај девојчињата.

Здравствени и психолошки последици

Прераниот пубертет може да доведе до забрзано зреење на коските, што во иднина може да резултира со порано запирање на растот и пониска конечна висина од очекуваната. Постојат различни форми на преран пубертет – централен, периферен и бенигни варијанти, а дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, хормонските анализи, брзината на раст и процената на коскената возраст.

Освен физичките промени, раниот пубертет има и значајно психосоцијално влијание. Кај децата може да се појават нагли промени во расположението, раздразливост и емоционална нестабилност. Девојчињата особено можат да чувствуваат срам, непријатност и издвоеност поради физичките промени, што понекогаш води до задевање и исмејување од врсниците и нарушена самодоверба.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top