Стресот во текот на бременоста може да предизвика вистински хаос: од покачен крвен притисок до зголемен ризик од предвремено породување. А сега доаѓа и едно интересно откритие за тоа како стресот влијае врз запчињата на бебето.
Според новото истражување на Универзитетот во Рочестер, на бебињата чии мајки биле изложени на поголем стрес во бременоста запчињата им никнуваат порано од вообичаеното.
– Покажавме дека повисоките нивоа на хормони поврзани со стресот, особено кортизолот, во подоцнежната бременост се поврзани со порано никнување на млечните заби кај бебињата – објаснува Јинг Менг, авторка на истражувањето.
За потсетување, секое бебе ги добива своите 20 млечни заби помеѓу 6 месеци и 3 години. Врз тоа влијаат генетиката, исхраната, тежината при породувањето и возраста на мајката. Но, се чини дека улога има и нивото на стрес.

Во истражувањето биле следени 142 бремени жени со потешки животни околности. Во второто и третото тримесечје давале примероци од плунка за да се измери нивото на различни хормони, вклучувајќи кортизол, прогестерон и тестостерон. Нивните бебиња потоа посетувале стоматолошки контроли од првиот месец до втората година.
Резултатите биле прилично интересни: до 6. месец од животот 15 отсто од бебињата веќе имале од едно до шест запчиња. До првиот роденден дури 98 отсто од нив имале до 12 запчиња. Најинтересно било тоа што бебињата чии мајки имале највисоко ниво на кортизол имале во просек четири запчиња повеќе на 6 месеци отколку бебињата чии мајки имале најниско ниво на стрес.
Кортизолот, главниот „хормон на стресот“, покрај тоа што ја активира познатата реакција „бори се или бегај“, може да влијае и врз развојот на коските, а со тоа и врз запчињата.
– Високото ниво на кортизол во подоцнежната бременост може да го промени феталниот раст и метаболизмот на минерали, вклучувајќи нивоа на калциум и витамин Д, кои се клучни за развој на коските и забите – објаснува Менг. Исто така, влијае врз клетките кои го градат и обликуваат коскеното ткиво, што може да го забрза никнувањето на запчињата.
Добрата вест е тоа што појавувањето на забите порано не е причина за грижа.
– Сè уште имаме многу прашања. На пример, кои хормони точно влијаат врз овој процес, како се поврзува забрзаното никнување на запчињата со развојот на детето и што тоа ни кажува за неговото општо здравје? – вели Менг.