Воспитување

Ако не можете да се опуштите пред родителите, проблем се овие четири работи

Многу родители имаат очекувања за тоа што ќе станат нивните деца, а кога тие очекувања не се исполнети, доаѓа до конфликт или целосна дистанца. Во исто време, возрасните деца сè повеќе се стремат кон автономија, што ги зголемува тензиите.

Студија покажала дека едно од четири возрасни лица е во дистанцирана врска со своите родители, најчесто поради токсично однесување, различни вредности, недостиг на поддршка или злоупотреба. Разделбата најчесто е иницирана од детето, а шест експерти ги наведуваат најчестите причини зошто родителите и возрасните деца остануваат во конфликт.

Генерациски јаз

Терапевтот Клер Вајсман објаснува дека родителите и возрасните деца доаѓаат од сосема различни социјални и културни средини, што доведува до судир на вредности, искуства и очекувања. Таа ја нагласува важноста на емпатијата, отворената комуникација и почитта за намалување на овој јаз. Истражувачкиот центар „Пју“ наведува дека 79 проценти од луѓето веруваат оти постои генерациски јаз, особено во употребата на технологијата, моралните вредности, музиката и работната етика.

Нерешени проблеми и различни очекувања

Советничката Рут Шимел вели дека многу конфликти продолжуваат поради стари, нерешени несогласувања и неточни претпоставки за тоа што другата страна сака или очекува. Неодвојувањето време за слушање дополнително ги зголемува недоразбирањата. Истражувањата покажуваат дека возрасните деца имаат поголема амбивалентност кон родителите кои биле непријателски настроени, што често води до повлекување и емоционално дистанцирање.

Прекумерна критика и осудување

Според терапевтот Мерл Јост, мешањето на родителите во животот на возрасното дете и постојаната критика на неговите одлуки испраќаат порака дека тие не се доволно способни или зрели. Тој нагласува дека родителите треба да му дозволат на своето дете самостојно да донесува одлуки и да учи од сопствените грешки. Студиите покажуваат дека децата од многу критички настроени семејства се изложени на поголем ризик од депресија, анксиозност и тешкотии во врските како возрасни.

Неможност за приспособување кон променливите односи

Психологот Патриша О’Горман објаснува дека транзицијата кон зрелоста е многу побавна и посложена денес отколку што била порано, поради што возрасните деца честопати зависат од своите родители подолго време. Ова создава недоразбирања: родителите се соочуваат со потреби што самите ги немале, а децата чувствуваат дека не се доволно независни. Според моделот „помирување на нарушени очекувања“, конфликтите се јавуваат кога родителите и децата имаат различни идеи за тоа кога и како треба да се променат одговорностите, што доведува до долгорочни тензии.

Извор

Поврзани написи

To top