Дали препознавате некој од овие моменти?
Детето брза да го дојаде главниот оброк само за да стигне побрзо до десертот?
Не сака да вечера бидејќи се плаши дека нема да му остане место за десерт?
Постојано прашува „што има за десерт“ и тоа ве иритира?
Многу деца се толку фасцинирани од десертот што им го одвлекува вниманието. Едно решение, секако, би било воопшто да не се послужи десерт, па децата со текот на времето би се навикнале и би престанале да го бараат.
Но, ако сакате да им дозволите десерт, а притоа да избегнете расправии и нервоза за време на оброкот, нутриционистот Ребека Стјуарт од Канада, мајка на три сина, предлага нешто невообичаено – да го послужите десертот заедно со главното јадење.

Овој пристап им овозможува на децата самите да одлучат дали ќе го изедат десертот пред, за време или по оброкот. Така се чувствуваат дека имаат контрола, што ја намалува напнатоста и го прави оброкот мирен и пријатен.
Крај со „десерт како награда“
Иако можеби мислите дека чоколадото е одличен поттик детето да изеде брокула или карфиол, тој метод всушност носи контраефект.
Детето може да го сфати тоа како порака: „Брокулата е гадна, па мама ми се извинува со чоколадо“. Така се создава погрешна слика дека здравата храна вреди само ако следува награда. Со текот на времето, тоа ќе го научи детето дека чоколадото е „вредност“, а зеленчукот „обврска“, и дека ако нешто сака, секогаш може да се „пазари“.
Што ќе се случи ако ја пробате оваа техника?
Да, детето можеби прво ќе го изеде десертот и тоа е во ред! Но, со тоа што само ќе избере, учи важни поими како рамнотежа и умереност.
Важно е да ја контролирате количината, а не моментот кога ќе го изеде десертот. На малиот стомак не му треба големо парче торта; мала порција е сосема доволна за задоволство и мирен оброк.
По неколку недели, десертот ќе стане само уште еден дел од вечерата. Ќе има денови кога ќе изберат да го изедат прво него, но и денови кога воопшто нема да го допрат. Со текот на времето, вашето дете ќе го гледа десертот како обична храна што му се допаѓа, а не како награда за добро однесување.