Аби Вамбах, позната фудбалерка и поранешна членка на американската репрезентација, во интервју нагласила дека децата учат многу кога нивните родители им дозволуваат да бидат сами со својот тим и тренерите.
-Тоа ги прави поотпорни, посовесни и помотивирани. Оставете ги на тренинг. Влезете во автомобилот, прошетајте, испијте кафе или прочитајте нешто, но не гледајте од трибините. Тоа е нивно време да играат, да прават грешки, да се обидуваат, да се забавуваат без да чувствуваат како некој постојано ги гледа -вели Вамбах.
И токму тоа се квалитетите што се основа за здрава самодоверба и успех во зрелоста, додаваат експертите за родители.
Кога родителите гледаат премногу
Ако детето постојано проверува на тренингот дали мама или тато гледаат, неговата мотивација лесно може да се „префрли“ на импресионирање на родителите наместо на сопствениот напредок.
-Не сакаме ништо да го спречи детето да проба нешто ново, да презема ризици, да прави грешки или да учи од своите обиди. Сакаме нашите деца да бидат самомотивирани, водени од внатрешна мотивација, а не од надворешна – вели Вамбах.
Невропсихологот Вилијам Стиксруд додава дека ова се типовите деца кои потоа стануваат возрасни кои се стремат да дадат сѐ од себе без разлика кој гледа.
-Нашата работа како родители не е да го контролираме исходот. Нашата мисија е да им помогнеме да откријат кои сакаат да бидат, каков живот сакаат и како да го создадат пред да го напуштат домот – порачува тој.

Не давајте совети на натпреварот
А кога сте веќе таму, на натпреварот, Вамбах советува да не се даваат совети за тоа како децата треба да трчаат побрзо или да шутираат посилно. Наместо тоа, охрабрете го вашето дете да забележи вредности кои не се поврзани со резултатот. Прашајте го, на пример: „Што виде на теренот денес што беше посебно за тебе, а немаше врска со победата?“ „Дали забележа како твоите соиграчи се бодреа едни со други?“ „Дали можеби му помогна на тренерот или на некој што заостануваше?“
Бидејќи токму во тие моменти, кога децата сами откриваат што значи тимски дух, одговорноста и емпатијата ги трансформираат во независни, самоуверени и среќни млади луѓе.
Автор: Карина Шиждрак