ПРАШАЊЕ: Се работи за девојче кое е близнак и наскоро ќе наполни 5 години. Имаме проблем со облекување, подолго време не сака да се облекува, па се караме, па се смирува, па потоа половина час се молиме да облече нешто. Досега беше добро бидејќи беше лето, ама сега ќе имаме дополнителни проблеми со облека и со обувки секој ден. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Вашата ќеркичка е во фаза од развојот каде што го гради чувството на сопствениот идентитет и својата автономија. Кај близнаците ова е особено сложено бидејќи тие од мали секогаш се во пар, ги делат вниманието, просторот и искуствата. Во таквата динамика едното дете честопати бара начин да се „издвои“ од другото, да се почувствува посебно и различно. Поради тоа, однесувањето што го опишувате, одбивањето да се облекува, може да биде еден од тие начини.
За неа, веројатно моментот на облекување не е само практична задача, туку е и момент каде што може да покаже моќ и различност од својот близнак. Во тие моменти таа сфаќа дека целосно ѝ сте посветени, дека вашето расположение, енергија и зборови ѝ се упатени само нејзе. На тој начин таа го „задржува“ вашето внимание подолго, но и поинтензивно, нешто што за близнаците е еден вид внатрешна потреба.
Тие учат како да растат заедно, а сепак секој од нив да има потреба од простор да биде „јас“.
Нормално е дека ова ве фрустрира, но потрудете се понекогаш да нагласите дека секој од нив има свој стил, свој избор и право на различност. Наместо да се убедувате, понудете „Сакаш сама да ги облечеш чорапите или јас да ти помогнам?“ Понудете избор: „Сакаш да ја облечеш црвената блузичка или жолтата?“
Кога ќе се облече без голем конфликт, нека добие пофалба или цврста прегратка, смирено, без преголемо нагласување на она што го направила, за да учи дека вниманието доаѓа кога се договараме, а не кога врескаме и протестираме. Дозволете секој да избира нешто за себе (облека, сликовница, игра итн.).

Доколку сте во можност, посветете им посебно време и внимание, тоа не мора да биде нешто долго, може да бидат и кратки одења до продавница, пазар, додека другиот близнак е дома со другиот. Во тие моменти разговарајте и бидете љубопитни за тоа што секој од нив сака. Барајте да нацртаат цртеж за она што го сакаат и потоа разговарајте за тоа. Да го нацртаат семејството.
Не споредувајте, дури и кога правите позитивни споредби („Ти побрзо се облече“). Наместо тоа, нагласете: „Ми се допаѓа како ја одбра оваа боја“.
Учете ги да завршуваат мали обврски сами (средување играчки, подавање прибор кога местите за јадење). Нагласете дека тоа е нивна одговорност. Прашајте ги за идеја за нешто, слушајте, разговарајте со нив. Иако понекогаш предлозите ќе бидат едноставни или смешни, вклучете се со хумор во разговорот.
Иако растат заедно, секој од нив е различен, па така и другарчињата и потребите се различни. Поттикнете ги нивните индивидуални пријателства, да имаат и свои другарчиња, не секогаш заеднички.
Би нагласила дека вашата близначка не е толку „тврдоглава“, туку има развојна потреба, да ја видите како посебна личност. Со трпеливост, со структура и љубов кон двете, таа ќе научи да се изразува на посоодветен начини, а облекувањето ќе стане помалку борба, а повеќе дел од секојдневната рутина.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашите деца, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova