Експертите велат дека стравот од лекар е резултат на неколку фактори: темпераментот на детето, неговата возраст и претходните искуства во ординациите и болниците. Кај децата што често се разболуваат и биле изложени на низа непријатни испитувања има поголеми шанси да се појави страв од одење на лекар. Ако го додадеме и таканаречениот развоен страв од непознати луѓе и ситуации, одењето на лекар за некои родители претставува вистински кошмар.
Високо на листата со стресни ситуации кога одите на лекар е вакцинирањето или кој било зафат што вклучува игла.
Детето што се плаши од лекар обично гласно плаче, дава отпор, не може да се смири. Најтешко е со деца од 1 до 4 години бидејќи тие веќе имаат одредена асоцијација кога ќе го видат лекарот или кога ќе сфатат дека мора да одат во болница, но сè уште не може логично и рационално да им се објасни дека сето тоа е за нивно добро.
Честопати родителите се вознемируваат кога нивното дете е тажно и исплашено зашто треба да оди лекар.
Некои родители дури и ја одложуваат вакцината или се обидуваат преку телефон да се договорат со својот педијатар за терапијата што треба да му се даде на детето. Родителите признаваат дека за време на прегледот им е тешко да ги следат инструкциите на педијатарот бидејќи се многу вознемирени поради стресот што го доживува нивното дете, па се чувствуваат како воопшто да не се присутни во ординацијата. Затоа е важно прво да се смири родителот. Ниту еден педијатар не може да ја утврди здравствената состојба на детето преку телефон. Лекарот мора да го прегледа детето.
Како посетата на педијатар да биде помалку вознемирувачка и за детето и за родителот?
1. Подгответе го детето пред да одите на лекар
Дури и ако не сака да разговара за одењето на лекар, кажете му што ќе се случува при прегледот. Тоа можете да го направите со помош на играчки (докторски комплети за деца), играјте улоги со омилената кадифена играчка.
Децата се плашат од непознатото, исто како и возрасните. Во зависност од тоа зошто одите на педијатар, опишете му на вашето дете чекор по чекор како ќе изгледа тоа (ќе одиме со автомобилот, ќе се паркираме, ќе одиме во чекалницата, таму ќе има и други деца, ќе чекаме медицинската сестра да нè повика, ќе влеземе во ординацијата, ќе ја поздравиме докторката и така натаму). На овој начин детето се запознава со ситуацијата и добива утеха дека сè ќе биде во ред.
2. Не создавајте дополнителни стравови и не потсмевајте му се на детето
Кога ќе објаснувате што ќе се случува при прегледот, немојте да лажете или да премолчувате одредени работи. Подобро е веднаш да му кажете: „Одиме на лекар и таму ќе ти стават инјекција, може малку да те заболи, но за миг ќе ти помине. Јас цело време ќе бидам со тебе“. Целта е да се биде искрен и да не се зголемува стравот, а не е добро ни да му се потсмевате со зборови како „немој да бидеш бебе“.
Исто така, многу е важно кога детето е здраво, да не го плашите со одење на лекар. Многу родители ги плашат децата, односно им се „закануваат“ со нешто што за нив претставува негативно и непријатно. Ако детето го плашите со лекарот, не очекувајте да не се плаши кога ќе го однесете.
3. Не давајте празни ветувања
Немојте да му кажувате на детето дека нема да добие вакцина или инјекција или дека нема да му земат крв ако тоа не е вистина. Ако кажете дека нема да има инјекција, а потоа ја добие, другпат нема да ви верува и ќе имате уште поголеми проблеми кога ќе одите на лекар. Детето се плаши од тоа што ќе му прави лекарот, па затоа лажењето не е опција.
4. Одвлечете му го вниманието
Додека чекате ред за преглед, добро е со себе да имате телефон на кој ќе му пуштите цртани филмови, торба со детски играчки или однапред испланирана тема за разговор за да можете малку да го релаксирате детето и да му го свртите вниманието.
Кога одите на лекар за вакцина или инјекција, најголем трик што го знаат искусните педијатри е при ставањето на инјекцијата да ги натераат децата да кашлаат за да дојде до ублажување на болката од иглата.
5. Утешете го
Дента кога знаете дека треба да одите на лекар, малку повеќе галете го детето, гушкајте го и држете го блиску до вас. На тој начин се смирувате и вие, а со вашиот допир му пренесувате порака дека сè ќе биде во ред и дека сте со него.
6. Наградете го со некаква ситна работа по прегледот
Ветете му на детето дека по прегледот ќе го носите на сладолед, или ако детето е настинато, кажете му дека ќе одите дома и заедно ќе гледате цртани филмови или ќе ја читате омилената приказна. Целта не е да купите послушност и мир, туку да го оттргнете малку од мислите во сегашноста со најава за пријатна иднина.
На овие начини ќе му помогнете на детето да создаде позитивни асоцијации за одењето на лекар.