Воспитување

Како вашето дете да остане мотивирано

Мотивацијата претставува фактор кој го поттикнува, насочува и одржува однесувањето на луѓето. Мотивацијата е желба или волја да се направи нешто или да се заврши некоја работа. Еве неколку начини како вашето дете да остане мотивирано.

Разбудете ја неговата љубопитност

    Обезбедете им на децата можности да комуницираат со нови предмети и дозволете им да водат и да учат!

    Поттикнете го разиграното истражување кај децата

    Најдобро средство за стимулирање на истражувањето е играта. Играта е суштински мотивирачка и претставува можност за нови искуства, за учење од другите, бара активен ангажман и може да ги зајакне социјалните врски и да го намали стресот.

    Давајте ѝ приоритет на социјалната интеракција за време на учењето и совладувањето вештини

    Во дигиталната доба постојат многу образовни, компјутерски апликации дизајнирани за деца. Сепак, дури и најдобро дизајнираните и најефикасните апликации не можат да ги заменат социјалните интеракции во реалниот живот со возрасни и врсници.

    Давајте доволно предизвици

    Децата се мотивирани да работат кон остварливи цели. Тие ја губат мотивацијата кога задачата е премногу лесна, но исто така и кога е толку тешка што е несовладлива. Обидете се да го приспособите предизвикот според моменталните способности на детето и дајте му брза повратна информација за неговите перформанси.

    Давајте им на децата слобода на дејствување

    Децата се помотивирани кога имаат одреден степен на самоопределување и можат да изберат да се занимаваат со задачи што се за нив лично значајни. Кога имаат избор за работа на проекти или барем малку простор за маневрирање во однос на тоа како ќе се заврши задачата, децата имаат поголема веројатност да останат ангажирани.

    Обезбедувајте стимулации и награди само кога е потребно

    Кога децата одеднаш се наградени за нешто што го уживаат и го прават слободно, тие може да почнат да го прават тоа дури кога ќе знаат дека подоцна ќе бидат наградени. Секогаш кога е можно, искористете ја природната љубопитност и склоноста на децата да работат кон остварлива цел, наместо да ветувате награда.Кога ги пофалуваме децата за нивниот труд, тие ќе бидат посклони да веруваат дека можат да го постигнат она што го посакуваат.

    Пофалувајте ги процесот и трудот, а не резултатот

    Кога ги фалиме децата за нивниот интелект или ниво на вештини или, пак, за оценката или златниот медал што го добиле, тоа може да доведе до ориентација кон одредени перформанси. Тие може да бидат мотивирани да постигнат повеќе награди, но исто така може да научат да се воздржуваат од предизвикувачки активности во кои можеби нема да се истакнат, поради страв од неуспех или  од негативна оценка.

    Притисокот врз перформансите се зголемува како што децата напредуваат во училиште, а тој е поврзан со депресија и анксиозност, покрај намалената радост од учењето. Кога ги фалиме децата за нивниот труд и им помагаме да го гледаат неуспехот како можност за учење и подобрување (наместо едноставно да се фокусираат на резултатот), тие ќе бидат помотивирани да работат напорно и ќе веруваат дека можат да го постигнат она што го замислуваат.

    Одржувајте блиска врска со адолесцентите

    Адолесценцијата е период кога многу млади луѓе преземаат ризици и ги поместуваат границите. Овој тренд, во голема мера, одразува природна склоност кон нови и возбудливи искуства кои ги максимираат можностите за учење и се важни во преминот кон независност. Како што тинејџерите стануваат помотивирани од одобрувањето на своите врсници, може да биде социјално наградувачко да се следат лидери кои преземаат ризици или да се истакнуваат со кршење на границите. Сепак, тинејџерите со блиски семејни врски се помалку склони кон преземање ризици. Високата родителска поддршка и отворениот дијалог се поврзани со помалку проблематично однесување, вклучително и помала злоупотреба на супстанции и деликвенција.

    Автор: м-р Христина Стефановска

    Поврзани написи

    To top