Игротека

Зошто децата во едно семејство се толку различни?

Разликата меѓу брат или сестра, или меѓу браќа и сестри од истите родители често е нешто што фасцинира. Иако потекнуваат од истите родители, разликите понекогаш се толку големи што се прашуваме што стои зад тоа. Ако ѝ веруваме на науката, одговорот е комбинација од генетика, епигенетика и фактори на средината.

Генетика – делите околу 50 отсто гени, но не и истата комбинација

Браќата и сестрите наследуваат случајни комбинации на гени од родителите. Иако имате исти родители, генетски сте само околу 50 отсто слични (како и со секој друг биолошки брат или сестра).

Пример: ако родителите имаат и кафеави и сини очи во семејството, едното дете може да ги наследи гените за кафеави, а другото за сини очи.

Епигенетика – како гените се „вклучуваат и исклучуваат“?

Гените не се однесуваат исто кај секоја личност. Епигенетските маркери регулираат кои гени телото ќе ги активира. Тие зависат од исхрана, стрес, сон, физичка активност и положба во матката за време на бременоста.

Положба во семејството

Првородено дете, средно дете, најмало – редоследот на раѓање влијае врз карактерот (на пример, постарите деца често се поодговорни), врз самодовербата и начинот на комуникација. Родителите, свесно или несвесно, различно ги третираат децата, а тоа влијае врз нивниот развој.

Индивидуални искуства

Иако живеат под ист покрив, секое дете го доживува семејниот живот на поинаков начин. Едно дете може да биде поповрзано за таткото, друго за мајката. Пријателствата и интересите се различни, па и најситните разлики во искуствата доведуваат до различни погледи на светот.

Личност и темперамент

Темпераментот делумно е наследен, но е и вроден. Децата се раѓаат со различни „основи“ на личноста. Некои од најрана возраст се мирни, други пак љубопитни и тоа не се учи, туку се наследува и обликува.

Извор

Поврзани написи

To top