Новинарката Амброзија Вирамонтес Броди верувала дека никогаш нема да биде мајка на три деца. Со сопругот направиле план – да патуваат, да купат куќа или стан во добро маало и да најдат работа во која ќе уживаат. Сметале дека дури откако ќе ги исполнат сите тие цели, ќе бидат „спремни“ за родителство.
Но, животот им донел низа непланирани ситуации: дијагноза за неплодност, откажување од работата што ја сакала и преселување од градот што го обожавале. Тогаш сфатила дека „совршен момент“ за дете не постои и дека, колку и да планираш, секогаш ќе има непредвидливи околности.
По раѓањето на првото дете, престанала да чека „идеално време“ за второ и почнала да размислува како да знае дали е навистина подготвена? Од своето искуство издвојува неколку клучни знаци:
Психичка и физичка подготвеност – Важно е да се чувствувате здрави и стабилни, и да разговарате со лекар пред нова бременост. Американскиот колеџ на акушери и гинеколози препорачува пауза од најмалку шест месеци меѓу две бремености.
Прифаќање помош – Барањето и подготвеноста да примите поддршка од партнер, пријатели или семејство. Многу родители грешат кога се обидуваат да се снајдат сами, но грижата за повеќе деца бара заеднички напор.
Мултитаскинг – Способност да извршувате повеќе задачи одеднаш, без оглед дали тоа е готвење со бебе в раце или работа додека го успивате детето.
Нежност кон себе – Родителството е хаотично и непредвидливо, па прифаќањето на сопствените несовршености и одржувањето на чувството за хумор се неопходни.

Снаоѓање со малку сон – Новороденчињата носат непроспани ноќи, а способноста да функционирате и во такви услови е важна.
Здрава врска со партнерот – Недостигот на сон и зголемените обврски можат да внесат тензија во односот, па важно е врската да биде стабилна пред да дојде ново бебе.
Внатрешна подготвеност – Ако помислата на уште едно дете буди радост и возбуда, тоа може да биде знак дека сте подготвени; ако пак чувствувате преоптовареност, можеби е време да почекате.
Амброзија истакнува дека нема универзален одговор на прашањето „Кога е вистинскиот момент за уште едно дете?“ Одлуката е лична и зависи од емоционалната состојба, финансиската стабилност, односите во семејството и системот на поддршка што го имате.