Ако вашето дете има помеѓу 18 и 24 месеци, летото е идеално време да го одвикнете од пелените. Многу мајки секогаш мислат дека е рано за откажување, па така многу деца дури и на три и пол години сè уште носат пелени.
Причини зошто летото помага
Со потоплите денови полесно е облекувањето и соблекувањето (помалку облека), а нема потреба да се грижите дека детето ќе настине.
Подготовка на детето
Постојат неколку важни знаци што укажуваат дали детето е подготвено:
Дали има редовна и мека столица, најчесто во исто време?
Дали може само да ги спушти и подигне панталоните?
Дали е заинтересирано за одење во тоалет, дали сака да носи гаќички?
Дали знае дали пелената е сува или мокра?
Дали ви кажува кога треба да оди во тоалет?
Дали може да следи едноставни инструкции?
Дали му пречи да има мокра пелена?
Дали има подолги периоди кога е суво (барем два часа)?
Подготовка на родителите
– Имајте многу трпение, успехот не доаѓа преку ноќ; ако сте под стрес, размислете да го одложите почетокот.
– Подгответе голем број гаќички и резервна облека (во првите денови може да се случат и до десет незгоди).
– Носете нокшир кога излегувате надвор, подгответе пешкири за во автомобилот или кога одите на гости.
– Кога ќе почнете, не откажувајте се брзо за да не го збуните детето.

– Бидете позитивни и пофалете го секој успех, а неуспесите прифатете ги како дел од учењето.
– Немојте да правите голема фама околу одењето во тоалет. Тоа е само една мала фаза во осамостојувањето.
– Прифатете ја желбата детето само да се грижи за своите потреби.
– Користете едноставни зборови и упатства кога објаснувате што очекувате.
– Имајте реални очекувања и дајте му време на детето да разбере кои се барањата од него.
– Не очекувајте детето веднаш да ги отфрли дневната и ноќната пелена.
– Ноќната пелена отстранете ја кога ќе забележите дека неколку ноќи по ред е сува.
– Обезбедете поддршка од сите членови на семејството и усогласете се со градинката или личноста што го чува детето.
Акција – ова лето ги симнуваме пелените
– Купете нокшир (нека детето само го избере) или додаток за веце-школка.
– Соблечете му ги пелените и облечете му гаќички.
– Поставете го нокширот на место каде што детето секогаш може да го види.
– Одете со детето повеќепати во тоалет и објаснете му за што служи и како се користи.
– Кога ќе забележите дека детето има потреба, понудете му да седне на нокширот. Ако успее, наградете го.
– Ако детето се измочка во гаќичките, не викајте му, само мирно објаснете му дека сега треба да се пресоблече и дека следниот пат треба да го користи нокширот.
Во текот на учењето користете приказни со мали јунаци кои минуваат низ исти ситуации.
– Бидете трпеливи и упорни – за околу една недела до десет дена (ако детето е подготвено) ќе успее да ја контролира својата потреба.
Немојте да го брзате
Ако детето не е подготвено, нема смисла да го брзате бидејќи целиот процес ќе се пролонгира и ќе ви треба повеќе време додека детето не достигне зрелост.
Не споредувајте го вашето дете со другите. Секое дете има свој развоен ритам. Некои деца го совладуваат ова веднаш по својот прв роденден, а други, пак, дури и на три или четири години не се целосно подготвени.