Игротека

Зошто е добро да имате брат или сестра без разлика на вашето „место“ во семејството

Иако од постарите деца често се очекува да бидат пример за своите помали браќа и сестри, новите истражувања покажуваат дека учењето се одвива во двете насоки. Децата ја развиваат емпатијата токму преку односот со своите браќа и сестри.

Сигурно сте чуле за теориите дека редоследот на раѓање влијае врз карактерот на детето: најстарите се лидери, средните се бунтовници, а најмалите се миленици кои го добиваат целото внимание и речиси сè што ќе посакаат. Но, зад тие симпатични описи се крие нешто многу подлабоко – емоционалниот развој што се случува преку секојдневните односи меѓу браќата и сестрите.

Истражување објавено во списанието „Чајлд дивелопмент“ покажа дека децата што имаат браќа и сестри развиваат посилен чувствителен однос кон другите, односно емпатија. Научници од Универзитетот во Торонто следеле околу 450 пара браќа и сестри на возраст од 18 месеци до 4 години. На почетокот на истражувањето ги посетувале во нивните домови и инсценирале секојдневни ситуации, на пример, се преправале дека се повредиле или дека им се скршил омилен предмет, и внимателно запишувале како ќе реагираат децата.

По 18 месеци ги посетиле повторно и ја повториле вежбата. Резултатот? И помалите и постарите деца покажале зголемена емпатија.

– Откривме дека и помалите и постарите деца позитивно си влијаат едни на други во развојот на емпатијата – вели коавторот на истражувањето, Марк Жамбон.

Интересно е што резултатите останале исти без разлика на стилот на родителство, семејната ситуација или квалитетот на односот меѓу децата. Единствен исклучок било тоа што помалите браќа не влијаеле значајно врз развојот на емпатијата кај постарите сестри, причина која научниците сè уште ја истражуваат.

Секако, децата повеќе развиваат емпатија кога постарото дете покажува топлина, поддршка и грижа кон помалото. Но, дури и во семејства каде што односите не се идеални, напредокот бил забележлив. Иако понекогаш ви изгледа дека вашите деца постојано се караат, токму тие мали недоразбирања се важни лекции за емоционален развој.

Уште еден интересен податок од истражувањето се однесува на разликата во години: влијанието на постарите браќа и сестри е поголемо кога разликата е поголема. Истражувачите претпоставуваат дека постарите во тие случаи преземаат улога на учители и модели, што им дава на помалите повеќе простор за учење и набљудување.

Извор

Поврзани написи

To top