Денеска, кога се одбележува Светскиот ден на детето, не знаеме колку дечиња во државава не седат во училишна клупа

На колку дечиња во Македонија им е скратено правото на образование? Одговор на ова прашање официјалните институции немаат. Министерството за образование и наука нема информација за вкупен број на деца што не одат на училиште бидејќи не води таква евиденција. Државниот просветен инспекторат има евиденција само за оние деца што не се запишуваат во прво одделение, но ниедна друга институција нема податок за вкупниот број деца на возраст од шест до 18 години што се надвор од образовниот систем, иако основното и средното образование во земјава се задолжителни.
Денеска, кога се одбележува Светскиот ден на детето, не знаеме колку дечиња во државава не седат во училишна клупа.

За четири години, во пет општини, 1.108 деца не тргнале во школо

Минатата година Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) направил истражување за бројот на деца што не се дел од образовниот систем. Барале податоци од 12 општини, но бројки им доставиле само пет. Во извештајот стои дека во периодот од 2013 до 2017 година вкупно 1.108 деца не биле запишани на училиште, со акцент на тоа дека овие податоци се добиени само од пет општини.

– Тоа укажува дека општините не го следат системски запишувањето на учениците, односно не постои база која би се ажурирала со податоци за запишувањето и напредувањето на учениците – пишува во извештајот.

Теренските анкетари идентификувале и 663 деца во тие општини што во мај 2017 година не се запишале во прво одделение. Според возраста, најмногу незапишани има на возраст од шест до осум години, а според местото на живеење, најмногу деца што не одат на училиште има во Куманово, па Битола, Шуто Оризари, Штип и во Кочани. Ако се погледне образованието на родителите на децата што не одат на училиште, се забележува дека најмногубројни се оние без образование. Состојбата со невработеноста е уште понеповолна, односно 86 отсто од татковците и 96 отсто од мајките не се вработени, а само дел од нив работат повремено (продаваат на пазар, собираат шишиња или чистат). На прашањето која е причината што не го запишале детето на училиште, дури 93 отсто од анкетираните родители одговориле дека немаат пари да му купат облека, прибор и книги.

Го напуштале училиштето

Освен тоа, има податоци и за ученици што го напуштиле образованието, но тие не се збирни, односно не се однесуваат за сите општини. Според добиените податоци, 481 дете го напуштиле основното училиште. Најголем број ученици го напуштиле образованието во одделенска настава, а причините се миграциите, сиромаштијата, а поретко немотивираноста за учење, раните бракови и работното ангажирање на децата.

Годишно по 200 тужби за родители

Државниот просветен инспекторат има надлежност да следи кои родители нема да му ја овозможат законската обврска на своето дете да посетува задолжително основно или средно образование. Како што објаснуваат оттаму, оваа законска обврска Државниот просветен инспекторат ја остварува врз основа на податоците за децата што се во образовниот систем, а и врз основа на известувањата од основните или средните училишта за незапишани или за ученици што нередовно посетуваат настава секој учебна година.

– Во последниве неколку години Државниот просветен инспекторат, по завршувањето на целокупната постапка, во која има едукација на родителите и укажување за остварување на правото на детето за задолжително основно и средно образование, како последна мерка, доколку со претходните постапки не се оствари правото на детето, поднесува просечно по околу 200 поднесоци до надлежен суд против родители чии деца не се запишани или нередовно посетуваат настава во основно или во средно образование – информираат во ДПИ.

Меѓугенерациски круг на сиромаштија, смалена вработеност…

Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава, вели дека економистите и експертите за образование проценуваат дека периодот на предучилишно образование за деца на возраст од 3 до 6 години е најважниот период за учење и развој на мозокот.
– Ако погледнеме какви се резултатите по математика, природни науки и јазици на учениците на возраст од 15 години ќе видиме дека оние што имале предучилишно образование се понапредни од нивните врсници за една до две години. Опфатот со предучилишно образование кај нас се зголеми од 26% на 39%, но и понатаму имаме најнизок опфат со предучилишно образование и најниска стапка на инвестирање во него во споредба со другите земји од Западен Балкан и од земјите во ЕУ, каде што стапката е 93% – вели Перкс.
Децата од најсиромашните семејства не посетуваат предучилишно образование и тоа придонесува кон меѓугенерацискиот круг на сиромаштија. Најпознато мерење на постигнувањата во системот на основно и средно образование, според Перкс, е Програмата на УНЕСКО/ОЕЦД за меѓународна процена и на постигнувања на учениците (PISA), која ја рангира нашата земја на 67. место од 70. земји.
– Ова резултира со смалена вработливост на населението, атрактивност на земјата за инвестиции и смалена компетитивност на државата на долги патеки. Мора да забрзаме со подобрувањето на предучилишното и основното образование сега за да спречиме зголемување на јазот меѓу нас и другите земји од Европа и да не се маргинализира надежда за среќен и исполнет живот на нашите деца како возрасни. Можеме да создадеме подобра иднина за нашите деца ако итно им дадеме приоритет на три нешта – ран детски развој, инклузија и реформа на секторот за oбразование. Заложбата на Владата да инвестира во инфраструктурата за да обезбеди повеќе услуги за предучилишно образование, заедно со заложбата за подобрување на капацитетите на наставниците за обезбедување квалитетно и инклузивно образование, ќе придонесе за зголемување на квалитетот на предучилишно образование – објаснува Перкс.
Реформите со кои се воведува Меѓународната класификација на функционалности во сите сектори и обезбедувањето услуги на ниво на заедницата за семејства на деца со попречености ќе помогне да се гарантира правото на секое дете да учи заедно со своите врсници, додава тој.
– Реформите во секторот за образование со фокус на професионални компетенции на наставниците што се потпираат на развојот во педагошката наука ветуваат помош во намалувањето на јазот меѓу нас и земјите-членки на ЕУ за генерациите што доаѓаат. Ова ги опфаќа реформите за проширување на опфатот со предучилишно образование за децата да можат да почнат со образование со јазични, емотивни и социјални вештини кои им требаат за учење. Реформите исто така треба да ја зголемат мотивацијата на наставниците за да обезбедат квалитетно образование, да има појака управа на образовниот систем и да се носат политики што се потпираат на докази. Ова се заложбите на Владата што ги поддржуваат УНИЦЕФ, Светска банка и Европската Унија – додава Перкс.

Во светот 303 милиони деца не се школуваат

Едно од три деца и младинци на возраст од 5 до 17 години што живеат во државите во кои се војува или има други катастрофи, односно 104 милиони не се на училиште, што е околу една третина од глобалната „надвор од училиште“ популација, покажува новиот извештај на УНИЦЕФ. Во светот вкупно 303 милиони деца и млади на возраст од 5 до 17 години не одат на училиште.

– Кога државата е погодена од воен конфликт или друга катастрофа, училиштата се оштетени или срушени, окупирани од воени сили, па со текот на времето учениците ретко се враќаат во училиштата. На долг рок, земјите во кои живеат продолжуваат да се соочуваат со циклусите на сиромаштија – вели Хенриета Фор, извршна директорка на УНИЦЕФ.



912

X