Сезоната на тиквата е почната. Најпознати се мускатната и тиквата хокаидо. Мускатната е долгнавеста – „со стомак“, односно нејзината форма наликува на тамбура. Тиквата хокаидо е опишана како портокалова тиква со сферична форма, црвена кожа со тврдо ткиво, која има вкус на костен. И навистина е така. Мускатната е многу подобра кога се пече, а хокаидо е подобра варена.
– Нутритивната вредност на тиквата е исклучително висока бидејќи месото од тиква содржи голем број вредни и лековити состојки. Покрај помалите количества на протеини, јаглехидрати и масти, содржи голем број витамини, и тоа каротин или провитамин А, витамин Ц и витамини од групата Б (Б1, Б2, Б3, Б6), потоа ниацин, фолна киселина и други. Од минералните состојки, најзастапени се: калиумот, фосфорот, калциумот и железото. Содржи и олиго и микроелементи, пектин, целулоза и други растителни влакна, што сите заедно ја потврдуваат нејзината голема улога во правилниот раст и развој на нашите бебиња.
Тиквата се воведува во исхраната на бебето на самиот почеток од воведувањето на цврстата храна, околу петтиот или шестиот месец. На задоволство на многу бебиња, тиквата може да се користи за правење и солени и слатки каши, за ручек или за ужина или појадок.
Му додава одредена количина сладост на секое јадење и го прави похранливо. Со оглед на нејзината боја, најдобро е да се комбинира со зеленчук од други бои (компир, блитва…), ориз и разни видови месо кои му се даваат на бебето. Времето за готвење не зависи само од видот на тиквата, туку и од големината на парчињата на кои се сече тиквата пред да се готви. Секако, поголемите парчиња може да се готват дваесетина минути, додека коцките од тиква се готват за помалку од 5 минути.
Ужина на почетокот на воведувањето цврста храна
Во малку вода сварете едно ситно сечкано јаболко и малку тиква. Кога ќе биде речиси готово, додајте малку пченка и варете уште 5 минути. Сè измешајте и испасирајте.
Тиква печена во рерна
Испечете мускатна тиква, исечена на парчиња. Месото на печената тиква одвојте го од кората во чинија, додајте малку вода и со виљушка испасирајте. Убав оброк.
Пример за ручек при воведување месо во исхраната
Во малку вода сварете пилешки копан, половина црвена тиква, кромид и компири. Кога ќе биде готово, исечкајте го месото со нож и испасирајте ги зеленчукот со виљушка. Супер слатко и хранливо јадење кое може да се блендира според возраста и потребите на вашето бебе.
Појадок при воведување млечни производи
Во малку вода сварете три лажици просо и половина круг тиква. Кога ќе биде готово, додајте една лажичка павлака и малку јогурт за да ја регулирате густината. Многу убаво и вкусно јадење.
Ручек со карфиол
Сварете компири, црвена тиква (мускатна) и малку карфиол. Кога се ќе омекне, испасирајте со виљушка и додајте една лажица полна павлака. Одлично јадење бидејќи сладоста на тиквата ја поништува киселоста на павлаката.
Ручек со боранија
Сварете неколку парчиња мускатна тиква, а кога зоврива водата додајте една рака замрзната боранија. Кога ќе биде при крај на готвењето, додајте две лажици ориз и варете додека не омекне. Потоа изблендирајте со додавање малку маслиново масло.
Супер слатко и вкусно јадење, особено за почеток на воведувањето боранија во исхраната на детето.
Извадок од книгата „Готварскиот дневник на баба Марта“
912