Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има три години и оди во градинка. Проблемот е што се плаши од звуци на блендер, миксер, првосмукалка, паро-чистач и да остане во просторија во градинката со неговите другарчиња. Учителките ни советуваат консултација со психолог поради оваа ситуација со детето. Нивните зборови се следниве: „Ние не смееме да го оставиме со другите деца бидејќи плаче додека не го земеме со нас, кога е со нас, нема никаков проблем.“ Дали има простор за паника? Дали нешто не е во ред со моето дете или е само период? Важно е да напоменам дека детето доцна прозборува.
ОДГОВОР: Сензорното преоптоварување од овој тип претставува преосетливост на нервниот систем на различни стимули и дразби, вклучувајќи дразби преку аудитивен влез, тактилен, олфакторен влез итн.
Таквата преосетливост може да биде вродена или стекната и може да се изгуби и хармонизира со самиот развој на детето и дооформување на нервниот систем или, пак, може да остане како одлика на нервниот систем кај личноста, како што забележуваме кај возрасни луѓе на кои им пречи бучава, гласна музика, силна светлина итн.
Во вашиот исказ споменувате и страв кај детето да остане само со врсниците и покажува чувство на сигурност само со возрасните, односно воспитувачите. Бидејќи секое дете е различно и му требаат различни сетилни стимули. Ако не сте сигурни што може да биде добро за детето, можете да контактирате педијатар кој ќе ве упати, доколку е потребно, кај стручно лице дефектолог, психолог.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912