Растењето доаѓа со зголемувањето на независноста, но тоа не значи дека потребата за поврзување со родителите завршува. Иако возрасните деца живеат сопствени животи, клучните зборови на поддршка и љубов што доаѓаат од нивните родители им се важни.
– Поголемиот дел од моето време го поминувам помагајќи им на клиентите – возрасните деца и нивните родители – да се справат со предизвикувачките и болни аспекти на односот родител-дете. И додека сценаријата се менуваат, возрасните деца постојано изразуваат неколку клучни потреби – посочува брачниот и семеен терапевт и советник Сара Епштајн.
Таа додава дека постојат одредени фрази кои возрасните деца најмногу сакаат да ги слушнат од своите родители. Еве четири примери.
„Толку сум горд на тебе“
Исто како помалите деца, и возрасните деца сакаат и треба да слушнат дека нивните родители се горди на нив.
– Не сум сигурна дека децата некогаш целосно престануваат да бараат одобрение од нивните родители. Но, возрасните деца може да се чувствуваат непријатно да бараат такво признание. Родителите често мислат дека нивните деца веќе го знаат ова, па затоа не го кажуваат редовно. Добрата вест е дека родителите во секое време можат да почнат да ја користат оваа фраза – како потсетник дури и ако нивните деца веќе ја знаат – објаснува терапевтот.
„Доволно си добар“
Оваа фраза оди рака под рака со изразот „Горд сум на тебе“.
– Една лекарка неодамна ми опиша како им кажала на родителите за својата прва работа и платата што ќе ја заработува, но нејзината мајка не изразила гордост за нејзината напорна работа. Наместо тоа, таа ја споредила нејзината нова работа со „попрестижната“ медицинска специјализација.
Што требало да чуе?
– Дека нејзините родители се горди на неа и нејзините одлуки – споделува Епштајн.
„Верувам во тебе“
Иако родителите понекогаш мислат дека нивните деца сакаат да ги имаат сите одговори, возрасните деца често бараат доверба од своите родители.
– Родителите се во уникатна положба бидејќи ги познаваат своите деца цел живот и заедно ги поминале нивните подеми и падови. Од оваа позиција, родителите можат да им дадат доверба на своите деца. На овој начин родителите изразуваат љубов и восхит кон своите деца.
„Те сакам“
Децата секогаш сакаат да слушнат дека се сакани. Иако зборовите не ја губат својата вредност ако биле изговорени во минатото, секојпат кога ги изговараме добиваат ново значење.
– Дали ви изгледаат очигледни овие фрази? Едноставни? Се надевам дека е така. Во многу семејства овие пораки никогаш не биле изговорени или ретко се кажуваат во зрелоста.
912