Графомоториката претставува моторичка способност на држење на моливот и пишување. Најчесто за неа се зборува пред детето да појде во училиште.

За усвојување на графомоторните вештини, претходно треба да бидат совладани: фина моторика на рака, визуелна перцепција, координација око-рака. Графомоторниот развој започнува уште во 8-9. месец и трае сѐ додека детето не појде во училиште.

Пред да се развијат вештините на пишување, прво треба да се има уреден моторен развој (седење, одење, трчање, лазење, играње со топка, редење коцки). Потоа се поттикнуваат и се усвојуваат фините моторни способности, кои вклучуваат фини движења на рацете и дланката (прво фаќање со цела рака). За развој на овие способности, важни се играчки кои вклучуваат различни облици, книги, играчки на навивање, префрлање на предмети од една на друга страна, фаќање ситни предмети со пинцета.

Исто така, децата се вклучуваат и во секојдневните активности, облекување, откопчување, закопчување, самостојно јадење, вртење страници од книгата и сл. Децата ја добиваат помошта и поддршката од родителот кога им е неопходна во извршување на активностите, но првенствено детето ги прави активностите самостојно.

Предуслов за усвојување на графомоториката е совладување на развојот на фината моторика. Детето на една година го држи моливот со цела рака и почнува да шара по хартијата. На две и полгодишна возраст детето ја листа книгата лист по лист, а моливот го држи со палец, среден прст и показалец. Од 3 до 5-годишна возраст моливот го држи со три прста. На 3-годишна возраст детето црта круг, на 4-годишна возраст квадрат, а на 5 години триаголник. Од 4,5 до 6 години графомоторниот развој има голем прогрес бидејќи настанува правилниот фат на држење на моливот.

Активности за стимулација на графомоториката кои може да се прават во домашни услови се:

  • цртање во брашно со показалец,
  • нижење макарони, перли на конец,
  • претурање од една во друга чаша,
  • лепење листови, кинење листови,
  • формирање топка од пластелин,
  • користење сложувалки.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација



912

X