Камерон Дијаз го роди своето прво дете на 47-годишна возраст. На 51 година стана мајка по вторпат. На 22 март 2024 година актерката го објави раѓањето на нејзиниот син, со сопругот Бенџи Маден, со кој веќе ја има четиригодишната ќерка Радикс.
– Благословени сме и возбудени да го објавиме раѓањето на нашиот син. Тој е добро и сите сме среќни што е тука. Поради безбедност и приватност на децата, нема да поставуваме фотографии. Испраќаме многу љубов – напишаа Дијаз и сопругот во заеднички пост.
Како што обично се случува кога жената има дете по 35-годишна возраст – претходно наречена „геријатриска бременост“ – се насобраа коментари со критики за Дијаз:
„Нели Дијаз има околу 60 години?!“; „Таа е премногу стара за дете, без оглед дали е природно или преку сурогат-мајка“; „Колку е себично да имаш деца на таа возраст“; „Зошто би имале дете на таа возраст? Ќе има 67 години кога детето ќе наполни 16 години“ – се само дел од коментарите.
Дали репродуктивната возраст е проблем само за мајките?
Слични реакции предизвика и Хилари Свонк, која има 48 години, кога роди близнаци во април 2023 година, а потоа и кога Наоми Кембел го роди своето второ дете минатиот јуни на 53-годишна возраст. Знаете ли кој не доби толку негативна реакција? Мик Џегер, Роберт де Ниро и Ал Пачино, кои добија деца на 73, 80 и 83 години. Каде беа коментарите со кои овие „геријатриски“ татковци се нарекуваат неодговорни и себични?
Секојпат кога некоја славна жена ќе се породи подоцна во животот, таквата критика, која несомнено е потопена во старосна дискриминација и сексизам, генерира десетици гневни одговори и феминистички написи кои го бранат правото на жената да има деца на која било возраст.
Не е себично да имаш деца подоцна во животот, но за детето често не е секогаш лесно затоа што на рана возраст се соочува со загуба на своите родители, пред да формира секундарно семејство.
Нема сомнение дека луѓето, и мажи и жени, кои размислуваат дали да имаат дете подоцна во животот често размислуваат за ова. Зборувајќи во еден поткаст, кога нејзината ќерка имаше две години, Дијаз, која тогаш имаше 49 години, рече: – Имам уште 50 или 60 години живот – сакам да доживеам 110 години, бидејќи имам мало дете. Мислам дека го имаш овој неверојатен момент во твоите 40-ти кога цениш кои се твоите родители, а јас сакам да го имам тој момент со неа; да бидам тука за неа во нејзините 40-ти.
Се разбира, долговечноста е многу полесна за ултрабогатите познати личности со пристап до најдобрата здравствена заштита во светот. Но, со оглед на тоа што просечниот животен век на мажите и жените е 79 и 83 години, се чини малку веројатно дека секој родител кој ќе добие дете во 50-тите ќе го доживее 35-тиот роденден на своето дете.
912