Предучилишната и училишната возраст се најважните периоди за развојот на личноста на детето, тоа е време кога детето усвојува некои принципи и вредности што ќе влијаат врз неговото подоцнежно однесување.

Правилниот развој и формирањето на личноста многу зависат од односот што родителите го градат со детето во тој период, а психолозите Алена Казанцева и Алексеј Мишин нудат неколку совети како родителите да му бидат здрав авторитет на детето.

Одржувајте емоционална блискост

Детето мора да биде сигурно дека неговите родители се секогаш на негова страна, дека е сакано и заштитено. Тоа значи дека треба да избегнувате празни ветувања и неисполнување на обврските.

Кога детето ќе направи грешка, бидете мирни и не поистоветувајте ја грешката со личноста на детето. Во оваа смисла, не треба да му кажете на детето „ти ме разочара“, туку „не ми се допаѓа тоа што го направи“.

Исто така, психолозите советуваат да покажете искрен интерес за животот на вашето дете, но и да не му ги проектирате вашите интереси и хобија, туку да му дозволите да ја развие својата личност.

Слушајте ги неговите потреби

На децата им треба љубов, сигурност и чувство на припадност. Посветете му на детето доволно внимание, не одложувајте ја комуникацијата за подоцна. Дајте му до знаење на детето дека неговите чувства ви се важни, не минимизирајте ги неговите проблеми, туку научете го да ги покажува своите чувства на здрав начин.

Заштитете го и поддржувајте го

Не дозволувајте некој да го повреди или понижи вашето дете, застанете зад него, дури и кога е тешко или непријатно. Научете го да ги заштити своите граници и да каже „не“ во ситуации кога не се чувствува пријатно.

Одредете ги куќните правила и објаснете му ги на детето. Ова ќе му помогне да разбере што е прифатливо, а што не, но правилата треба да бидат реални и фер.

Бидете искрени

Дури и кога не е лесно, бидете искрени со детето. Ако нешто сте ветиле, исполнете го ветувањето, а ако не можете да направите нешто, објаснете му ја причината. Не плашете се да ги признаете своите грешки, покажете дека никој не е совршен, но секогаш трудете се да бидете подобри.

Дозволете му да греши

Грешките се составен дел од животот, па затоа е важно да го научите вашето малечко да не се плаши да прави грешки, туку да ги гледа како можност да научи нешто од нив. Затоа, не казнувајте го детето кога ќе направи грешка, туку помогнете му да разбере како да направи нешто поинаку следниот пат.

Бидете пример

Децата се одлични имитатори, а примерот што го даваат нивните родители е клучен во обликувањето на нивните вредности, навики и верувања. Со други зборови, однесувајте се како што сакате вашето дете да се однесува – на пример, ако сакате вашето дете да сака книги, дајте му можности да ве види како читате.

Поставете граници

Јасно поставените граници му помагаат на детето да се чувствува безбедно, но и да разбере што е дозволено, а што не.

Извор



912

X