Следуваат одговори на избраните прашања од родителите за болките при растење, кои во суштина се безопасна појава.
На која возраст се јавуваат болки во растењето?
Можат да започнат многу рано, дури и во третата година од животот, но најголем број деца ги имаат на возраст од 4 до 10 години. Ретко се појавуваат по 12-годишна возраст.
Зошто се појавуваат?
Вистинската причина е всушност непозната!
Нема ни докази дека растот има директна врска со овие болки. Она што е познато е дека почесто се јавуваат кај деца кои имале поинтензивни физички напори – трчање, скокање, качување. Во зима, тие можат да се појават дури и по скијање. Има мислења дека всушност станува збор за еден вид „воспаление на мускулите“ поради посилен напор.
Најчесто се јавуваат кај деца кои имаат помал праг на болка – кои се помалку толерантни на болка, но тоа не е секогаш случај.
Докажано е дека децата кои имаат чести болки во растењето се склони и на повремени главоболки и стомачни болки.
Како да ги препознаете болките од растењето?
Децата се жалат на болки од типот на грчеви во мускулите на нозете. Секогаш се жалат на болки во двете нозе, најчесто во бутовите (најчесто напред) или листовите (најчесто во задниот дел), но понекогаш и зад коленото. Болката не е придружена со други симптоми (покачена температура, ограничена подвижност на зглобовите, црвенило, оток…), а кога болката ќе помине, детето се однесува сосема нормално – како ништо да не се случило.
Понекогаш се појавуваат неколку дена по ред, а понекогаш само повремено. Постои голема индивидуална варијација на болките при растење кај децата, но типично е што тие повремено може да се појават со месеци, а понекогаш и подолго.
Кога обично се појавуваат во текот на денот?
Обично навечер или во сон. Нормално, прагот на болка е помал во текот на ноќта, така што не е чудно што повеќето деца во тој момент доживуваат болки во растењето. Многу ретко се јавуваат во утринските часови и во текот на денот. Интересно е што (по ноќна епизода на болка) кога детето ќе се разбуди, тоа е весело и расположено, а понекогаш не се сеќава на болната епизода.
Како се поставува дијагнозата? Лесно!
Докторот поставува дијагноза врз основа на приказната од родителите (анамнеза) и едноставен преглед. Бидејќи нема промени на нозете (нема отоци, црвенило, болни движења…), не се потребни дополнителни испитувања.
Како се лекуваат болките при растење? На повеќето деца не им е потребна терапија!
Сепак, има деца кои имаат многу силни болки и тогаш има смисла да им се даваат аналгетици – ибупрофен или парацетамол во соодветна доза. Лесна масажа или топли облоги понекогаш може да помогнат наместо аналгетици.
Кога е неопходен лекарски преглед?
Вистинските (типични) болки во растењето не бараат итна медицинска помош, така што нема потреба да трчате кај лекар!
Еве кои се ситуациите кога болката во нозете сепак бара преглед од педијатар:
-Доколку болката е исклучително силна и долготрајна, а особено ако нема подобрување по терапијата со аналгетик, треба да побарате (без паника) помош од педијатар.
-Ако детето се жали на постојана болка само во едната нога.
-Доколку има црвенило, оток во болното место или ограничено движење.
-Ако се појави покачена температура, или детето се жали на слабост.
Сето ова укажува дека не се работи за болки во растење, туку за некоја друга причина за болка.
Автор: д-р Горан Вукомановиќ/ педијатар кардиолог
912