Секој родител има желба да го заштити детето од сѐ што е лошо и од секоја можна неволја што би можела да го снајде. Сепак, тоа не е можно бидејќи тоа е речиси сигурен начин да станете родител кој претерано го штити своето дете и не му дозволува да дише.

Преголемата заштита на децата не е добра бидејќи им ја одзема можноста да грешат, да учат од своите искуства, а сето тоа може да им создаде многу проблеми во зрелата возраст. Кога зборуваме за преголема заштита на децата, обично се мисли на „хеликоптер родители“, односно родители кои лебдат над своите малечки како хеликоптери и го следат секој нивен чекор.

Меѓутоа, сега сѐ повеќе се зборува за „родители-косилки“, кои всушност имаат сличен стил на воспитување со хеликоптер-родителите, но „косилките“ уште повеќе се вклучени во секој чекор на своето дете и сакаат на секој можен начин да му го расчистат патот.
Имаат искрена желба да му го олеснат животот на своето дете, да го заштитат од неволји, предизвици, фрустрации и генерално не се подготвени нивното малечко да направи некаква грешка или да доживее неуспех.

Само дел од негативните последици што тоа може да ги остави врз детето се пасивност, недостиг на мотивација, недостиг на независност, проблеми со наоѓање пријатели, неможност да преземе одговорност за своите постапки.

Значи, родителите-косилки ги штитат своите деца од љубов и одлучуваат за секој нивен потег, но тоа не е добро за нив. За да не станете таков родител, прочитајте како се препознава ваквиот тип:

Избираат пријатели за своето дете

Се разбира, на родителите им е важно со кого се дружи детето, но ако буквално ги одбираат неговите пријатели и одредат со кого може да се дружи, тоа е еден од знаците дека претерано го штитат детето или се насочуваат кон тоа.

Ги решаваат неговите конфликти

Ако детето влезе во конфликт со некој од неговите врсници, „родителите-косилки“ веднаш влегуваат во ситуацијата за да го решат конфликтот, без да му дадат шанса на детето да се одбрани или да преговара.

Секогаш се на страната на детето

Факт е дека родителите треба да ги поддржуваат своите деца, но ако се на страната на своето малечко кога се однесува лошо со некого, не го учат да биде одговорно за своите зборови и постапки.

Му ја пишуваат домашната задача

Не само што „родителите-косилки“ ја проверуваат домашната задача на своето дете или му помагаат со нешто што не го разбира, туку тие всушност ја завршуваат домашната задача за него.

Бараат посебен третман

„Знам дека тоа се правилата, но можеби би можеле да направите исклучок…“, велат овие родители,сакајќи да најдат нешто подобро за своето дете во училиште, театар, здравствен дом… за нивното малечко секогаш да има што е можно попријатно искуство.

Секако, постојат ситуации кога родителите навистина треба да бидат „косилки“, а тоа се ситуации кои детето сепак не може само да ги реши, туку има потреба од помош. Исто така, јасно е дека понекогаш ќе влијаете на кругот на пријатели на вашето дете, ако мислите дека, на пример, не му е пријатно со некои врсници или дека тоа не е добро за неговата безбедност.

Но, ако имате огромна желба секојдневно да учествувате во секој чекор и момент на вашето дете, тогаш можеби е време да промените нешто и постепено да му дадете повеќе слобода на вашето малечко.

Извор



912

X