Анксиозноста и неизвесноста се сосема разбирливи емоции кои мајките ги доживуваат како што се приближува времето за враќање на работа.

Кај нив се јавуваат многу грижи и прашања, а како што покажаа анкетите, она што најмногу ги загрижува е што ќе го остават своето дете на друг, потоа како детето ќе се справи со разделбата, како ќе ја балансираат работата и грижата за детето, дали ќе можат да отсуствуваат од работа кога детето ќе се разболи… Овој период може да биде многу стресен, особено ако мајката првпат се соочува со ваков предизвик.

Мајката знае дека откако ќе се врати на работа, често ќе има професионални предизвици кои бараат размислување и целосна посветеност. Тоа уште повеќе ја загрижува бидејќи веќе е оптоварена со тоа што мора да поминува време подалеку од своето дете, што само по себе е предизвик. Таа знае дека ќе мора повторно да се навикне на работното опкружување и да се запознае со новите работни процеси воведени додека била отсутна.

Во продолжение се неколку препораки кои ќе ви помогнат да се чувствувате посигурни и помирни, што ќе ви овозможат успешно да се вратите на својата професија.

Обезбедете рутина

Обидете се да одржувате конзистентна рутина кога станува збор за хранење, спиење и време за играње. Ова може да му обезбеди на детето чувство на сигурност и предвидливост. Прашајте во градинката каде што оди детето кога е време за игра, спиење, оброци… Овој нов распоред применете го дома и практикувајте го во месеците пред да одите на работа. Ако детето остане дома со баба, дедо, бебиситерка итн., покажете им колку е важно да се има рутина и замолете ги да се придржуваат до неа.

Продолжете со здрави навики

Мајките се грижат за здрави навики кои му овозможуваат на детето да ги добие сите потребни хранливи материи во текот на денот, да има доволно сон и физичка активност. Нема причина да се прекине таа практика.

Проверете го менито во градинка. Дополнително, секој ден прашувајте ја воспитувачката што јадело детето. Надополнете го внесот на овошје и зеленчук во еден од преостанатите оброци дома. Ако сте го доеле вашето бебе додека не се вратите на работа, не треба да престанете. Доволно е да направите нов распоред, при што доењето ќе го префрлите во попладневните и/или вечерните часови. Не заборавајте на другите хранливи материи кои тешко се добиваат целосно преку исхраната.

Поминувајте квалитетно време заедно

Иако сега не изгледа така, квалитетот на поминатото време е многу поважен од квантитетот. Затоа е важно да се фокусирате на квалитетот на времето поминато заедно и да ги приспособите активностите во тој период на возраста, интересите и потребите на вашето дете.

Организирањето квалитетно време со вашето дете по градинката може да биде предизвик, но со малку планирање и креативност можете да создадете посебни моменти. Еве неколку идеи како да го направите тоа преку секојдневните активности:

Разговор за денот: Прашајте го детето како го поминало денот во градинка. Слушањето на неговите приказни и искуства може да биде многу важно, бидејќи ќе ви помогне подобро да го разберете детето.

Заедничка игра: Одвојте време за заедничка игра со вашето дете. Тоа може да биде играње со омилената играчка, друштвена игра или нешто што детето сака да го прави. Цртајте, сликајте или правете „уметнички“ дела. Тоа е одличен начин да се изразите и да се поврзете со вашето дете.

Активности на отворено: Ако е можно, поминете време надвор со вашето дете. Прошетката, возењето велосипед или едноставното играње во дворот може да биде одличен начин да се опуштите и да поминете време заедно.

Читање приказни: Читањето приказни пред спиење е прекрасен начин да се опуштите и да поминете мирно време со вашето дете пред да одите в кревет.

Готвење: Вклучете го детето во приготвувањето на вечерата или некои слатки и доживејте забавно, поврзувачко искуство.

Без технологија: Обидете се да поминете време без технологија, фокусирајќи се целосно на детето. Тоа може да помогне да се зајакне врската и да се создадат посебни моменти.

Најдете начини да одржувате блискост со вашето дете во текот на работниот ден. Ако е можно, организирајте видеоповик за време на паузата или испратете фотографии и пораки.

Извор



912

X